Два обида за Чиро да стане македонски селектор: „Ќе ве однесев на ЕП, ама вашиот претседател…“

Легендата на хрватскиот фудбал Чиро Блажевиќ почина утрово на на два дена пред својот 88-ми роденден. Блажевиќ долго време се бореше со карцином.

Неговата листа на екипи каде што бил тренер е долга и звучна. Од Швајцарија до Хрватска, па во Грција, Кина, БИХ… се занимаваше и со селекторска работа, а покрај Хрватска, ја водеше и селекцијата на Иран, БИХ и репрезентацијата на Кина до 23 години.

Во два наврати имаше обиди да биде и селектор на Македонија. Првпат пред именувањето на Слободан Сантрач во 2005 година, но тогаш наводно бил прескап за ФФМ. Кога разбрал дека Македонија е заинтересирана, и самиот тој во 2009 се понудил да биде селектор, но бил одбиен од тогашното раководство на ФФМ со образложение дека сакаат да биде домашен селектор.

Во изјава за тогашниот дневен весник „Вест“, Блажевиќ ги откри сите детали.

„Се сеќавам тогашниот претседател на федерацијата сакаше да постави за селектор Македонец и ме одби. Го одби Чиро со сиот свој авторитет и со сите успеси, затоа што селекторот морало да биде од Македонија. Неверојатно! Па и во мене тече македонска крв. Дедо ми е од Тетово“, рече тогаш Блажевиќ.

А легендарниот Чиро ветувал дека можел да ја одведе Македонија на ЕП во Полска и во Украина во 2012 година.

„Ако тогаш беш поставен за селектор, ќе бевме први во групата и ќе игравме во завршницата на ЕП во Полска и во Украина. Лесно ќе бевме први и ќе го величавте Чиро. Пред да ме одбие вашиот претседател, секогаш со внимание ја следев Македонија, но откако ме одби, не беше повеќе така“, изјави Блажевиќ.

Легендарниот Блажевиќ со Хрватска играше против Македонија во квалификациите за ЕВРО 2000 година. После несреќниот пораз во Загреб од 3-2 (Македонија имаше водство 0-1 и 2-2 до 70. минута), на домашен терен на 5. јуни 1999 година нашата селекција одигра 1-1 против Хрватска, која тогаш дојде во Скопје како третопласирана од последниот Мундијал во Франција. Тогаш Хрватска заврши како трета во групата и не успеа да се пласира на завршницата на ЕП во Холандија и Белгија.

Се вчитува...