Двајца екс-кошаркари на МЗТ ќе играат на СП во Кина

На собирот на најдобрите светски репрезентации што ќе стартува утре во Кина на дело ќе видиме големи асови, а на терените ќе се појават и двајца кошаркари кои го имаат носено дресот на МЗТ Скопје, Овен Класен и Сулејман Диабате.

Центарот Класен беше дел од тимот на „металците“ во 2014 година, но набрзо се здоби со повреда на грбот поради која беше надвор од терените, по што му беше и раскинат договорот со македонскиот клуб. Тој лани имаше добра сезона во дресот на бундеслигашот Лудвигсбург, а по квалитетните партии во подготвителниот период се најде и на финалниот список на Канада за овој Мундијал.

Диабате важеше за суперзасилување на аеродромци кога му се приклучи на македонскиот првак во ноември 2016 година, но слабите резултати во АБА-лигата придонесоа и тој како и голем дел од странците таа сезона експресно да си замине од „Јане Сандански“. Тој ланската сезона ја мина во францускиот прволигаш Нанси, а на СП во Кина ќе биде еден од главните адути на Брегот на Слоновата Коска.

Се вчитува...