Двајца екс-селектори во игра за нов тренер на Вардар

Самиот избор на Фабијани за нов тренер на Вардар беше дочекан со огромна недоверба во јавноста, што се покажа апсолутно оправдано со оглед на катастрофалните резултати на „црвено-црните“ на стартот од сезонава.

По експресната елиминација од Европа и шлаканицата во мак-дербито со Шкендија, разделбата со потпросечниот тренер беше неижбежна, па сега прашањето што се поставува е – кој ќе дојде на чело на „црвено-црните“ за да го врати Вардар на посакуваните победнички патеки. Според информациите на ЕКИПА, во игра се двајца квалитетни домашни стратези, двајцата се поранешни селектори на Македонија – Чеде Јаневски и Благоја Милевски.

Јаневски го водеше Вардар во најголемиот успех – пласманот во групната фаза од УЕФА Лигата на Европа. Искусниот стручњак дефинитивно има што да понуди и како тактичка подготвеност и како авторитет. Јаневски си замина од Вардар во 2018 година и во последните неколку сезони работеше во кипарскиот шампионат.

Милевски, пак, му ја донесе на Вардар титулата во 2013 година, по што имаше повеќе од успешни ангажмани како селектор најпрвин на младинската, а потоа и на сениорската репрезентација на Македонија. Тој летово имаше на маса понуда од Шкендија што ја одби, но нема сомнеж дека Милевски би бил далеку позагреан за камбек на клупата на неговиот Вардар со кого има титула и како играч и како тренер.

Се очекува разговорите да се интензивираат во наредните денови, Вардар следниот натпревар го игра наредниот викенд, на 15 август на тешкото гостување против Струга ТЛ.

Се вчитува...