Две големи засилувања за Црвена Звезда

Црвена Звезда по една година пауза се враќа во Евролигата, а управата на српскиот потег со потезите што ги влече јасно става до знаење дека има амбиција за влез меѓу најдобрите осум екипи во Европа. „Црвено-белите“ најпрвин комплетираа извонреден трансфер со ангажманот на Дерик Браун, а сега успеаја назад во Белград да вратат двајца поранешни кошаркари, Чарлс Џенкинс и Огњен Кузмиќ.

За Џенкинс ова ќе биде третпат да го облече дресот на „црвено-белите“, а во претходниот период освои две титули во АБА-лигата и два трофеи во српскиот шампионат. Воедно, тој беше и МВП на финалето од АБА-лигата во 2017 година. Тој ја мина ланската сезона во Русија, во дресот на Химки, каде во Евролигата имаше просек од 21 минута, постигнувајќи шест поени и две асистенции по натпреварот.

Центарот Кузмиќ се враќа назад во Белград од редовите на Реал Мадрид, откако поради честите повреди не беше во можност да го даде максимумот во дресот на „кралскиот клуб“.

Покрај овие засилувања, „црвено-белите“ го задржаа и костурот од шампионскиот тим од минатата сезона, потпишувајќи нови договори со Били Берон, Стратос Перпероглу, Мохамед Фаје, Бранко Лазиќ, Филип Човиќ и Бориша Симаниќ.

Се вчитува...