Две победи за битолчани, трилер-триумф на Радовиш

Битолските суперлигаши Работник и Пелистер забележаа убедливи победи во новото коло од елитното ракометно друштво. Работник имаше лесна задача на домашен терен против Прилеп, декласирајќи го аутсајдерот со 35-11. Битолчани во првото полувреме му дозволија на гостинот да постигне само четири гола (19-4), за до крајот избраниците на Темелковски уште повеќе да ја зголемат својата предност, за конечни „плус 24“.

Пелистер славеше како гостин во Скопје, против екипата на Вардар јуниор со 25-32. „Зелените“ во раната фаза од мечот поведоа со 3-8, младите „вардарци“ за момент се приближија но немаа сили за целосен пресврт, па лидерот на табелата прокнижи нови бодови. Везенковски со пет гола беше најефикасен кај „пелистерци“, пред Маџовски, Чантурија и Митиќ со по четири погодоци. Мора да се истакне дека Пелистер славеше рутински иако беше и значајно ослабен, настапувајќи без првиот стрелец Орјонакидзе и голманот Рајчиќ.

Најинтересно беше во Радовиш каде домаќините по огромна битка славеа над Пролет со 29-28. Илиев со девет гола беше најефикасен на натпреварот, но херој на радовишани беше голманот Паунов, кој го одбрани седмерецот на Џонов на десетина секунди пред крајот.

Се вчитува...