Две сценарија за крај на сезоната во пингпонгарското првенство

На 8 март се одиграа последните натпревари во пинг понгарското првенство. Од тој датум поради пандемијата предизвикана од корона вирусот, како и во другите спортови така и во пинг – понгот откажани се сите натпреварување. Во очекување на олабавување на рестриктивните мерки донесени од владата пингпонгарската федерација изготви план на кој начин да се заврши сезоната 2019/20.

Според првото сценарио доколку условите овозможат одигрување на откажаните натпревари заклучно со 5 јули, планирано е во три натпреварувачи циклуси да заврши лига првенството за сезоната 2019/20. Во првиот и во вториот циклус планирано е да се заврши регуларниот дел од лига првенството, додека третиот циклус е предвиден за плеј оф натпреварите кои поради ситуацијата би имале скратен формат. Во плејофот учествуваат четири најдобропласирани екипи од Супер – лигата по завршувањето на регуларниот дел од првенството. Во истиот, трет циклус планирано е одигрување и на бараж натпреварите за пласман во повисок степен на натпреварување и опстанок во лигите.

Пингпонгарската федерација доколку има услови за продолжување на натпреварите, изготви план за преземање на мерки кои се во согласност на препораките за спречување на ширењето на заразата од коронавирусот. Доколку сепак условите не дозволат завршување на првенството до 5 јули, пингпонгарската федерација изготви план според кој нема да има испаѓање од лигите. За да нема оштетени екипи според моменталната ситуација на табелите во лигите од првенството Супер – лигата ќе се прошири од осум на десет екипи, од Првата лига во Супер – лигата ќе се пласираат првопласираните три екипи. Првата лига ќе се пополни со трите првопласирани екипи од регионалните втори лиги.

 Доколку првенството нема можност да се одигра до крај, Пингпонгарската федерација нема да прогласи шампион за сезоната 2019/20. Државните првенства во поединечна конкуренција планирано е да се одржат во септември, паралелно со почетокот на новата сезона. Исто така пингпонгарската федерација донесе одлука сите идни натпреварувања да се одржат во сала која што има трибина со што ќе се овозможи придржување на препораките за физичка дистанца.

Се вчитува...