Е. Пелистер без милост за Јовиќ, убедлив триумф над Пролет

Ракометарите на Е. Пелистер редат порази во Лигата на Шампионите, но затоа делуваат сигурно на дуелите во домашната Супер-лигата, откако вечерва повторно славеа убедливо на домашен терен, против екипата на Пролет со резултат 32-21. Актуелниот првак немаше многу време за одмор по патувањето назад од Киелце до Битола, но тоа не се одрази врз изданието на „пелистерци“, кои заслужено прокнижија нови суперлигашки бодови.

Александар Јовиќ се врати назад во Битола еден месец по заминувањето од клупата на Е. Пелистер, но поранешниот клуб немаше милост за овој стратег, полнејќи ја мрежата на Пролет. Гостите од Скопје сосема солидно парираа дваесетина минути, резултатот беше 12-9 кога Пелистер заигра уште подобро и на одмор замина со водство од 12-8. Доминацијата на домашниот состав продолжи и во второто полувреме, битолчани набрзина стигнаа и до двоцифрено водство што го одржуваа до самиот крај, славејќи со конечни „плус 11“.

Кузмановски, Пешевски и Радивојевиќ ги предводеа стрелците на победничкиот тим со по четири погодоци, додека кај Пролет прв стрелец беше Арсеновски со пет постигнати гола.

Голден Арт очекувано лесно триумфираше на домашен терен над Прилеп со убедливи 28-18, па скопскиот клуб сега има само два бода заостанување зад Пролет во трката за четвртото место во групата кое води во плејофот. Сепак, шансите ГА да стигне до него се теоретски, бидејќи за тоа да се случи треба Пролет да загуби на домашен терен од Бутел, а ГА во последното коло да го совлада Вардар, кому бодовите му се неопходни за да се задржи на првото место во групата.

Се вчитува...