Е. Пелистер ги разреши Јовиќ и Шундовски, нов привремен тренер е Бранко Ангеловски

Согласно и предвидувањата на домашната ракометна јавност, Еурофарм Пелистер се одлучи на разделба со тренерскиот тандем на клупата, Звонко Шундовски и Александар Јовиќ по лошиот старт на тимот во новата сезона.

Битолчани имаат очаен почеток на европските настапи во Лигата на шампионите, а очигледно чашата беше прелеана и по последниот натпревар против Вардар во домашното првенство кој, и покрај победата, заврши незадоволително за раководството на клубот но и најверните навивачи на Пелистер.

Токму поради тоа, според официјалната информација од клубот, Шундовски си поднел оставка а управата го разрешила тренерот Јовиќ.

Нов привремен тренер ќе биде Бранко Ангеловски кој ја извршува функцијата спортски директор во клубот.

„РК Еурофарм Пелистер ја известува јавноста дека досегашниот тим менаџер на екипата г-дин Звонко Шундовски од морални причини се повлекува од клупата на нашиот клуб. Управата на клубот одлучи да го разреши од прв тренер на екипата и г-дин Александар Јовиќ. Во наредните натпревари до донесување на конечна одлука околу изборот на тренер, екипата ќе ја води г-дин Бранко Ангеловски. Во оваа прилика РК Еурофарм Пелистер упатува огромна благодарност до г-дин Звонко Шундовски и г-дин Александар Јовиќ за целиот нивен досегашен допринос за клубот. Под водство на Јовиќ и Шундовски нашиот клуб ја освои титулата во сезоната 2022/23“ – се вели во официјалното соопштение од македонскиот шампион.

Се вчитува...