Е. Пелистер оди на сензација против актуелниот европски шампион

Македонскиот ракометен шампион Е. Пелистер вечерва ќе му гостува на актуелниот континентален првак Магдебург, во натпревар од 6. коло од новата сезона во Лигата на шампионите. Тренерот Гарабаја на овој меч нема да може да смета на словенечкиот интернационалец Ник Хенигман.

Сепак, најдобриот ракометар на битолчани Филип Кузмановски вели дека ќе биде задоволство да се игра против големиот фаворит.

„Магдебург ми буди пријатни спомени, бидејќи беше првиот клуб кој ми ја отвори вратата од интернационалниот ракомет и Бундеслигата. Се работи за врвен клуб, клуб со голема традиција, денес има силен ростер и одличен тренер. Задоволство ќе биде да се игра против европскиот првак“, рече капитенот на пелистерци, Филип Кузмановски.

Натпреварот меѓу Магдебург и Е. Пелистер е закажан со почеток во 20.45 часот.

Се вчитува...