Ракометниот шампион на Македонија, Е. Пелистер вечерва ќе му гостува на ППД Загреб во Хрватска во натпревар од 10. коло во Лигата на шампионите кој многу лесно може да одлучи за тоа кој ќе замине во нокаут фазата во елитата.
Тренерот на битолчани, Рубен Гарабаја пред мечот вели дека е свесен дека ги чека тежок меч во Загреб.
„Имаат голема мотивација откако добија нов тренер. Одиграа одлично во Сегед, цврст тим се, не се откажуваат никогаш. Ќе биде тежок меч, и тие се надеваат на победа против нас. Имаме тежок распоред сега, за разлика од некои полесни мечеви минатиот период. Времето е кратко, но се подготвуваме најдобро што можеме. Следуваат важни натпревари и сакаме да се претставиме во посакуваното светло. Играме и во првенството и во Лигата на шампионите, но не смееме да се жалиме. Ќе имаме кратка пауза пред дуелот со Загреб, го знаеме тоа. Сепак, ќе одиме да одиграме квалитетно и се надеваме на победа“, изјави Гарабаја.
Слично размислува и младиот Самуил Ристевски…
„Физички се чувствувам одлично. Благодарност до сите во тимот за поддршката во тешкиот период. Имав минутажа на последните натпревари, сакам да играм подобро и да го докажам мојот квалитет. Се подготвуваме за Загреб, гледаме видеo-анализа, тренираме напорно и се надеваме на најдоброто. На секој меч одиме на победа, така ќе биде и овој пат. Загреб е одлична екипа, во Лигата на шампионите нема лоши тимови. Ќе одиме да извојуваме победа и се надевам дека ќе успееме во нашата намера“, изјави Ристевски.
Натпреварот меѓу ППД Загреб и Е. Пелистер е со почеток во 18.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

