Првото големо дерби во ракометната Суперлига меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер заврши без победник 28:28 и тоа со гол во последната секунда кој го постигна Петар Атанасијевиќ.
Ждрепката сакаше уште на стартот од новата сезона, меѓу себе да играат две екипи кои влегуваат со шампионски амбиции и одиграа согласно амбициите.
Во текот на сите 60 минути беше присутно тактичкото надмудрување меѓу двајцата тренери, Борис Ројевиќ и Лино Червар, максимална неизвесност со често менување на водството, а најголемата предност која една од екипите ја имаше беше два гола.
Првиот дел им припадна на ракометарите на Еурофарм Пелистер со 13:14, а во неизвесноста продолжи до самиот крај на мечот до кога се играше речиси постојано гол за гол со исклучок на предноста од 18:16 за Охрид.
Битолчани веднаш ја вратија резултатската неизвесност. Во финишот, поблиску до триумф беа домаќините кои преку Мате на 45 секунди до крајот поведоа со 28:27, но во последниот напад, буквално во последната секунда, Петар Атанасијевиќ од крилна позиција постигна гол за конечни 28:28.
Најдобар во редовите на Охрид беше Доминик Мате со 11 гола, додека во редовите на Е. Пелистер, Филип Кузмановски даде 10 гола, а херојот Петар Атанасијевиќ даде осум гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
