Е. Пелистер во нова невозможна мисија во ЛШ

Ракометарите на Еурофарм Пелистер продолжуваат со настапите во Лигата на Шампионите, со уште едно тешко гостување на жешкиот терен на Пик Сегед во Унгарија.

Македонскиот првак има шест порази во почетните шест рунди од елитното европско натпреварување, неодамна дојде и до тренерска смена, па Бранислав Ангеловски се обидува да ја донесе првата радост на битолчани во Лигата на Шампионите. Предизвикот и денеска ќе биде огромен, Пик Сегед е тим што традиционално игра одлично на домашен терен, па иако резултатски не е на нивото од претходните години по заминување на тренерот Пастор, унгарскиот состав сепак ќе ја има улогата на апсолутен фаворит.

Десното крило на Е. Пелистер, Вук Радивојевиќ, со години ги бранеше боите на Пик Сегед, па максимално мотивирано го дочекува денешниот дуел.

„Драго ми е што ќе се вратам и ќе заиграм повторно во Сегедин. Едвај чекам да дојде натпреварот. Се спремаме, знаеме како игра ПИК Сегед, но нема да играат против нас како на останатите натпревари. Мораме добро да се спремиме, напорно работиме и се надеваме на позитивен резултат. Им остана шпанскиот систем кој го играат десетина години, но со новиот тренер и со некои нови играчи воведоа некои новини. Ги гледаме на натпреварите оваа сезона, се спремаме и мораме сите шеесет минути да играме добро, бидејќи ако малку се опуштиме, нема добро да поминеме. Мораме да ја спремиме главата да бидеме цел натпревар на ниво. Салата во Сегед е најубава ракометна сала во Европа. Тоа е само ракометна арена, таму не се игра ни кошарка, ни било кој друг спорт. Имаат и мала сала за тренинг покрај големата. Убаво е да се игра таму и среќен сум што нашите млади играчи ќе го искусат тој амбиент. Нам ни преостанува само да се надминеме и да се обидеме да победиме“, изјави Радивојевиќ во пресрет на денешниот натпревар.

Се вчитува...