Еден скок го делеше Дончиќ од „трипл-дабл“ во победата на Далас

Далас маверикс конечно успеа да ја прекине негативната серија од шест поледователни порази совладувајќи го на домашен терен Њу Орлеанс пеликанс со 122-119.

Најзаслужен за триумфот на Далас вообичаено беше новата ѕвезда во НБА, Лука Дончиќ. Младиот Словенец уште еднаш сезонава блесна во полн сјај и беше најдобар стрелец на Далас со 21 поен, 10 асистенции и девет скока. Само еден скок го делеше Дончиќ од „трипл-дабл“ постигнување, но тој многупати досега истакнал дека успехот на тимот секогаш му е пред индивидуалните рекорди.

Во тимот на Њу Орленас доминираше Ентини Дејвис со 32 поени и 18 скока.

Интересен дуел се одигра и во Мајами каде гостуваше Торонто и во исклучително возбудлива завршница гостите на крај славеа победа со 106-104. Во триумфот ги предводеше Каваи Ленард со 30 поени дополнети со осум скока. Кај Мајами најефикасен беше Винслоу со 21 поен.

Најефикасен меч одиграа Бруклин и Шарлот со дури 266 поени. На крај домаќините по продолженија победија со 134-132. Најдобар поединец на мечот беше Динвиди со 37 поени и 11 асистенции, додека кај Шарлот исто така извонредна партија имаа Вокер со 35 и Ламб со 30 поени.

Се вчитува...