Една добра и една лоша вест за Мурињо пред дербито со Милан

Рома катастрофално ја стартуваше сезоната со само еден освоен бод по првите две кола (реми со Салернитана, пораз од Верона), па Жозе Мурињо е свесен дека ќе мора експресно да го врати победничкиот дух во својот тим.

Сепак, Португалецот се соочува со сериозен проблем откако Пауло Дибала отпадна од комбинација за дерби дуелот што е на програмата викендов. Аргентинецот се повреди против Верона, лекарските прегледи утврдија дека проблемот не е премногу сериозен, но Дибала сепак ќе мора да мирува неколку дена за состојбата да не му се влоши, поради што нема да може да настапи против „росонерите“. Покрај него, повредени се и летните засилувања Ренато Санчез и Азмун, а неизвесен е и настапот на Лоренцо Пелегрини.

Добра вест за Мурињо е физичката подготвеност на Ромелу Лукаку, кој би можел да дебитира за Рома токму против Милан. Белгиецот нема одиграно натпревар цело лето бидејќи беше изоставен од тимот на Челси, но импресионирал на првиот тренинг и португалскиот стратег сега сериозно размислува да му даде шанса уште викендов.

Се вчитува...