Ех, да не беше пеналот…Шкупи со пораз од 2-0 се враќа од „Ајброкс“ (ВИДЕО)

Шкупи со пораз од 2-0 се враќа дома по големиот дуел со шкотскиот гигант Глазгов Ренџерс и гостувањето на „Ајброкс“ пред 50.000 гледачи, во воведното коло од квалификациите во Лигата на Европа. Ова е резултат за да се наполни и „Филип Втори“ за седум дена, а избраниците на Зекирија Рамадан да се обидат да го елиминираат славниот тим што од оваа сезона го предводи легендарниот англиски ас Стивен Џерард.

Фудбалерите на Шкупи не потклекнаа на одличниот амбиент во Глазгов, иако „ренџерси“ беа подобар ривал на овој меч. Во 14.минута, Шкупи можеше прв да поведе кога Благоја Љамчевски ја погоди стативата од противничкиот гол. Но, потоа се тресеше мрежата на Шкупи. Во 22.минута, Џејми Марфи со прецизен удар од 12 метри, малку откосо од левата страна, го пронајде патот на топката до мрежата.

По ова, Зендели имаше одлична интервенција и спаси втор погоодк, по ударот на Фланаган.

Глазгов Ренџерс притискаше и во вториот дел, но одбраната на Шкупи беше добро организирана. Успеа да одолее на нападите на шкотскиот тим се до 90.минута, кога беше досуден пенал за домаќинот. Марфи беше фаулиран од Билали, а искусниот Џејмс Таверние го реализираше ударот од белата точка, за конечен триумф од 2-0.

Сега „ренџерси“ ќе треба да допатуваат во Скопје, и тоа дефинитивно ќе биде фудбалски спектакл.

ЛИГА ЕВРОПА, ПРВО КВАЛИФИКАЦИСКО КОЛО

ГЛАЗГОВ РЕНЏЕРС – ШКУПИ 2-0 (1-0)

„Ајброкс парк“. Гледачи: 50.000. Судија: Дингерт (Германија). Стрелци: Марфи 22’, Таверние 90’ пен. (Г. Ренџерс). Жолти картони: Кандејас, Морелос (Г. Ренџерс), Илијоски, Стојкоски, Броја (Шкупи).

ГЛАЗГОВ РЕНЏЕРС: Мекгрегор, Таверние, Голдсон, Катиќ, Фланаган, Кандејас (56’ Џек), Мекрори, Арфилд (67’ Ејариа), Марфи, Морелос, Виндас (78’ Мидлтон).

ШКУПИ: Зендели, Адем, Типуриќ, Овоно (90’ Кривањева), Бајрами (46’ Билали), Вујчиќ, Љамчевски (60’ Шабани), Муарем, Броја, Стојкоски, Илијоски.

Се вчитува...