ЕХФ ги казни Начевски и Николов: Две години суспензии и парична казна!

Најдобрите македонски ракометни судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов добија двегодишна суспензија од страна ЕХФ поради манипулација со фитнес тестовите пред стартот на ЕП, информираа од ЕХФ.

Покрај двегодишната суспензија, Начевски и Николов добија и парична казна.

„Ракометниот суд на ЕХФ донесе одлука во случајот отворен против македонската судиски двојка Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Пред машкото ЕХФ ЕВРО 2026, ЕХФ ја повлече номинацијата на двајцата судии од Македонија поради наводна манипулација со прикачените видео снимки од таканаречениот „Тест за кондиција во повеќе фази. Врз основа на анализата на партнерот за интегритет на Европската ракометна федерација, Спортрадар, Ракометниот суд на ЕХФ дојде до заклучок дека спорните видеа биле манипулирани и затоа ги изрече следните санкции. Двајцата судии се суспендирани од извршување на каква било функција во рамките на ЕХФ и учество во какви било активности на ЕХФ во период од две години од датумот на првостепената одлука поради сериозно неспортско однесување“ – информираа од ЕХФ.

Покрај тоа, секој судија мора да плати казна од 5000 евра за фундаментални прекршувања на Кодексот на однесување на ЕХФ.

Македонските судии може да се жалат на оваа одлука до Апелациониот суд на ЕХФ во рок од седум дена.

Се вчитува...