ЕХФ одолговлекува: Бара дополнителни изјави од Алкалоид и од АЕК

Европската ракометна федерација се огласи денеска по повод неодиграното реванш финале помеѓу Алкалоид и АЕК во ЕХФ Европскиот Куп. Мечот не се одигра поради тоа што гостите од Грција не излегоа на терен, поради конфликт со нивните навивачи.

Сепак, денеска не се реши ништо околу конечниот исход, а сега се бараат дополнителни изјави од двете екипи, а ЕХФ соопшти дека ги предала сите релевантни информации.

Соопштението од ЕХФ:

„Европската ракометна федерација во вторник ги предаде сите релевантни информации што ги поседува на своите правни тела и побара покренување на судски постапки против клубовите РК Алкалоид и АЕК Атина.

Овој чекор беше преземен откако реваншот од финалето на Европскиот куп за мажи на ЕХФ помеѓу двата клуба во недела на 25 мај, беше откажан. Информациите што ЕХФ ги достави до судските тела, меѓу другото, се однесуваат на дистрибуцијата на билети на гостинските навивачи од страна на РК Алкалоид во пресрет на натпреварот, како и на одбивањето на АЕК Атина да влезе на теренот за почетокот на натпреварот.

Од двата клуба е побарано да ги достават своите изјави, односно информации од нивна страна, за да бидат разгледани од судските тела. Понатамошна комуникација ќе биде обезбедена само откако ќе се донесе конечна одлука“, стои во соопштението на ЕХФ.

https://www.eurohandball.com/en/news/en/follow-up-statement-on-the-match-hc-alkaloid-vs-aek-athens/

Се вчитува...