ЕХФ ранкинг: Вардар не е ниту во Топ 10 фаворити за ЛШ сезонава

Се е подготвено за стартот на новата сезона од Лигата на шампионите, па ЕХФ непосредно пред почетокот на новите возбудувања ја објави и својата вообичаена ранг-листа на фаворити во битката за европскиот трон.

На неа по подолго време го нема Вардар, откако „црвено-црните“ во еден момент од ланската сезона беа и на чело на ранкингот, за по бројните заминувања и амбициите да спласнат. Без Раул на клупата, но и без Штербик, Циндриќ, Канелјас, Абутовиќ… во тимот македонскиот првак со реномето е предалеку од она што лани претставуваше во европскиот ракомет, па пред Парондо и ростерот што сега го има на располагање е сериозен предизвик – да се покаже дека Вардар се уште е моќен колектив што може да се носи со сите гиганти во елитното европско натпреварување.

На врвот на оваа ранг-листа е европскиот првак Монпелје, кој во меѓувреме и се закити со трофејот во Супер-купот на Франција, а зад него следат Рајн-Некар Левен на Филип Талески, и дрим-тимот на ПСЖ кој е треторангиран пред стартот на новата сезона. Зад новиот клуб на Раул Гонзалес се наоѓаат Фленсбург, Барселона, Брест Мешков, потоа Нант на Кире Лазаров, за Топ 10 тимовите во Европа во пресрет на стартот на ЛШ да ги комплетираат Пик Сегед, Веспрем и Кјелце.

Се вчитува...