ЕХФ: Вардар пак е во Топ 5 клубови во Европа

Одличните игри на стартот од новата сезона од Лигата на шампионите го вратија Вардар повторно во самиот врв на европскиот ракомет, на најновиот ранкинг што денеска беше објавен од страна на ЕХФ. „Црвено-црните“ не се најдоа на листата од десет најдобри клубови во пресрет на новата сезона, но добрите резултати во првите натпревари придонесоа македонскиот првак да се врати во одбраното друштво.

На најновата листа што денеска беше објавена Вардар се наоѓа на четвртата позиција.

„Вардар изненади многумина со добри игри од она што остана од стариот тим, плус неколку важни засилувања. Роберто Парондо очигледно најде вистински баланс при повторната изградба на овој тим. Се уште е рано, допрва следат клучните натпревари во групата, но Вардар дефинитивно импресионира“ – се вели во анализата.

На чело на листата се наоѓа Барселона, а пред Вардар се уште и ПСЖ и Пик Сегед, два клуба кои имаат перфектен скор во досегашниот дел од сезоната во ЛШ. Зад „црвено-црните“ се наоѓа Кјелце, а во меѓу најдобрите десет екипи се наоѓаат уште и Рајн-Некар Левен, Веспрем, Нант, Скјерн и Силкеборг.

Се вчитува...