ЕХФ: Вардарки најблиску до тронот на ЛШ

Ракометните експерти на официјалниот сајт на Европската ракометна федерација (ЕХФ), ја рангираат женската екипа на Вардар на врвот на ранг листата на најуспешните екипи во Лигата на шампионите. На три кола пред крај на главната фаза во ЛШ, вардарки се единствената екипа без пораз најелитното европско натпреварување сезонава. Според експертите, Вардар има најголеми шанси да го задржи првото место во групата и според играта и составот е фаворит број еден за освојување на шампионската титула.

Логично е единствениот непоразен тим во ова натпреварување да биде на врвот на ранг-листата. Заедно со ФТЦ, македонскиот тим е единствениот кој победи во сите натпревари од главната фаза. Во минатото коло го преживеа гостувањето кај Турингер, нивната извонредна игра во одбраната и широчината во ростерот се доволна причина тие да бидат главни фаворити за освојување на титулата. Тоа што се  домаќини на Будуќност и на Турингер во два од послендите три натпревари од главната фаза во ЛШ им ги зголемува шансите да за освојување на првото место во групата“ – стои во делот од текстот објавен на официјалниот сајт на ЕХФ.

Зад Вардар во ова рангирање на ЕХФ на второто место е унгарскиот вицешампион ФТЦ, единствената екипа која сезонава му зеде бод на Вардар, а зад нив во ТОП 10 клубови во ЛШ во женска конкуренција се: Ѓер, Ларвик, Букурешт, Митјиланд, Мец, Будуќност, Турингер и Есбјерг.

До крајот на групната фаза во ЛШ остануваат уште три кола во кои Вардар покрај двата натпревари на домашен терен против Будуќност и Турнингер, има и гостување кај Мец. По завршувањето на главната фаза, следуваат четвртфиналените мечеви во ЛШ кои се последен филтер за Ф4 турнирот во Будимпешта.

Се вчитува...