ЕКИПА АНАЛИЗА: Кои би можеле да бидат слабите точки на Германија вечерва?

Вечерва Македонија на мегдан со Германија, со фаворитот во групата и со големото име на светскиот фудбал.

Иако Германија не е таа Германија од пред седум години кога дојдоа до титулата светски првак, сепак, секогаш во своите редови имаат одлични играчи.

Правиме анализа на составот на Германија, и откриваме кои би можеле да бидат слабите точки на Германија пред вечерашниот дуел.

ДЕСНИОТ БЕК Е ОФАНЗИВНО КРИЛО, ЛЕВИОТ НЕМА МИНУТАЖА

Ако може да се бараат слаби точки кај Германија, тогаш можеби треба да се почне од одбраната. Особено што Ханс Флик игра секогаш со четворка во одбрана, а тука има недостаток од играчи. Од пензионирањето на Филип Лам, Германија „лута“ со десни бекови, па тука беа пробани многу играчи. Токму на таа позиција Германците имаат недостаток (истото е во клубовите), па така Флик се реши да „измисли“ десен бек. Во моментов тоа е Јонас Хофман, играч кој што природно игра како офанзивно крило. Барем тоа го игра во својот клуб Борусија Менхенгладбах, односно нешто е послаб во дефанзива.

Можеби да биде слабост тоа што Ридигер е подобар кога е во „тројка“, а во четворка некако потешко се снаоѓа. Формата на Гинтер (доколку добие шанса вечерва) не е најдобра, па од тука се претпоставува дека одбраната на Германија е можеби најслабиот дел. Левиот бек Керер има премалку минутажа за ПСЖ и не е во натпреварувачка форма.

СРЕДНИОТ РЕД СЕ „НАВИКНУВА“ БЕЗ КРОС

Средниот ред на Германија е можеби најсилната алка, заедно со голманската позиција во овој состав. Горецка, Кимих, Милер, Мусиала, Нојхаус, Ројс… и тоа како се квалитетни играчи, меѓутоа се чини многу работи во средината во изминатите неколку години зависеа од Тони Крос. Крос се реши да оди во репрезнтативна пензија после ЕВРО 2020, па така средината и натаму се навикнува на тоа да игра без Крос, чие отсуство и тоа како се чувствува.

ПРИТИСОКОТ ВРЗ ВЕРНЕР Е ГОЛЕМ, А НЕМА АЛТЕРНАТИВА

Тимо Вернер се очекува да биде вечерва во нападот, врз кого има огромен притисок. Тоа е така затоа што голгетерот на Челзи не може никако да забие, а има премногу промашувања. Исто така проблем за Вернер може да биде фактот што тој во својот клуб игра на страна, а во Германија добива шанса по средината, што може да претставува некоја слабост. Неговата алтернатива Адејеми има само 18 години, и се чини дека е неискусен за вакви натпревари, иако покажува дека заслужува да биде дел од националниот тим.

Македонија можеби треба да стравува најмногу од десната крилна позиција каде што Гнабри е во голема форма и секогаш опасен по противничкиот гол. На другата страна Сане е одличен играч, но далеку од тоа што го играше на пример додека беше дел од Манчестер Сити, иако знае и умее и тој понекогаш да се разигра. Крилата им се брзи, и прецизни, ја имаат поддршка и од средниот ред, и ќе мора многу внимание.

ЧЕСТИТЕ РОТАЦИИ И МЕНУВАЊЕ НА ГЕНЕРАЦИЈА

Во последните неколку години многу играчи на Германија не беа дел во селекцијата. Лев сакаше да прави млад тим, па се премислуваше и ги враќаше во селекцијата Хумелс, Милер, но тие беа далеку од она што беа претходно. Во средината им недоставуа разигрувач како Крос, стариот добар Озил… Исто така немањето класичен голгетер е проблем за Германија и секогаш кога освојувале големи натпреварувања, имале расен стрелец. Сега тоа треба да биде Вернер, но во моментов не е ни одблиску од она што беа Бироф, Клинсман, Клосе…

Честите ротации и „лутања“ со составот исто така би можело да бидат проблем за Германија. Исто така и осцилациите во формата како на пример на Сане, Милер, Горецка па и некои играчи во одбраната исто така се точки кои треба да се користат.

Германија после СП во Бразил и ЕП во Франција беше во фаза на менување на генерација, ама се чини уште го бараат победничкиот тим кој ќе „згази“ кон титула.

Дека Германија не е онаа од пред седум години е факт, но треба со максимален респект да се дочека вечерва. Особено што сакаат одмазда за она „светско чудо“ од Дуизбург, и поради фактот што имаат селектор кој што ги смени работите на подобро, кој игра крајно офанзивно па дури и кога губи, знае да извади максимум од своите играчи кои лесно може да ги свртат работите во своја корист.

 

Се вчитува...