ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – ДАРИО ИВАНОВСКИ: ЛОИ во Париз се мојата најголема желба, потребна е поголема конкуренција во атлетиката во Македонија

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

========================================================================================================================== 

Најдобриот македонски атлетичар, Дарио Ивановски, екслузивно за ЕКИПА.МК говореше за неговата досегашна кариера и очекувањата во следниот период. Специјално за ЕКИПА.МК открива како се чувствуваше по поставувањето на новиот национален рекорд во маратон во дански Копенхаген годинава, но и за неговите очекувања до крајот на сезонава.  

Ивановски искрено зборува и за условите кои ги имаат македонските атлетичари, но и за недостатокот на конкуреција во Македонија која е важна за подобрување и на сопствените резултати. 

==========================================================================================================================

ГОЛЕМ УСПЕХ Е УРИВАЊЕТО НА НАЦИОНАЛНИОТ РЕКОРД ВО МАРАТОН! 

Неодамна во Копенхаген повторно го урна рекордот во маратон на Македонија. Што значи овој успех за тебе и кое време е границата која што си ја поставуваш во иднина? 

Најпрво ќе констатирам дека моето второ уривање на националниот рекорд во најтешката атлетска дисциплина маратон е секако голем успех за мене. Иако моите очекувања и формата која ја имав пред стартот на маратонот беа дека бев подготвен да го истрчам во рамките на 02:14.00 до 02:14.30 сепак во последната третина од маратонот доживеав мал пад на темпото кое го држев заедно со целата група која како и јас го бркаше тој таргет резултат кој всушност значеше и норма за настап на европското првенство во атлетика кое ќе се одржи ова лето во Минхен, Германија. Маратонот е сурова игра и нож со две сечила и никогаш не можеш да бидеш сигурен што ќе се случи после 30. километар. Како потврда за тоа од мојот маратон во Копенхаген е податокот дека од групата во која трчав со познати маратонци од Европа никој не успеа да истрча време под 02.15.00 иако сите имаат лични рекорди и перформанс во нозете за да го финишираат маратонот со тоа време. Сепак овој успех за мене како единствен Македонец кој ја сруши границата во маратон под 02 часа и 20 минути има голем значај и секако поттик за да напредувам и го симнувам рекордот кон 02:10:00 часа.

Сопственик си на државни рекорди во сите дисциплини на средни и долги патеки. Која дистанца најмногу ти одговара и во која највеќе уживаш? 

Сопственик сум на 9 (девет) национални рекорди кои ги имам рушено вкупно 25 пати. Почнувајќи од 1000м па се до маратон. Имам уште 5-6 рекорди кои можам да ги срушам но верувајте дека поради приоритетот на натпреварите за кои се подготвувам засега не можам да бидам фокус кон тие дисциплини. Во иднина ќе се потрудам да најдам време за да настапам и во тие дисциплини и да поставам уште неколку рекорди. Колку за пример ќе Ви кажам дека немам трка во кариерата на 15 км, а на тренинг изминатата зима истрчав резултат кој е за цели 2 и пол минути подобар од актуелниот рекорд на Македонија.Во моментот моја омилена дисциплина е 5000м на која ќе се фокусирам максимално и ќе се обидам да станам балкански шампион со време на нов национален рекорд кој ќе биде под 14 минути за првпат во нашата атлетска историја бидејќи мојот актуелен рекорд е 14:02.32 минути.

НАЈДРАГ МЕДАЛ МИ Е ЗЛАТОТО ОД БАЛКАНСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ИСТАНБУЛ! 

Која досегашна победа и рекорд ти е најдрага и на која трка ќе се сеќаваш до крајот на животот? 

Моја најдрага победа е онаа на балканското првенство во сала кое се одржа во сезоната 2021 во Истанбул, Турција кога за првпат станав Балкански шампион. Тогаш трчав без никакви калкулации и респект кон конкурентите и само така можев да ја осигурам титулата уште на 2000м од трката. Последниот километар го трчав уште помотивирано и со самиот влез во финишот симнав голем товар од мојот грб после неколку освоени втори и трети места на Балканијадите. Во моментот мој најзначаен рекорд е на 1500м во сала кој го поставив во сезоната 2021 кој всушност ми е и највреден резултат на кариерата со остварена норма за настап на европско првенство во сала. Иако веќе цела година не сум настапил на 1500м сепак кога ќе го оствариш својот број 1 резултат на кариерата со национален рекорд се разбира дека тоа ќе биде мојот најдраг рекорд.

Ја претставуваше Македонија на сите големи натпреварувања, освен на Летните олимписки игри. Останува ли Париз како еден сон кој мора да биде исполнет? 

Летните олимписки игри во Париз 2024 е мојата најголема цел и желба уште сега во оваа сезона 2022. Јас сум стипендист на МОК за ЛОИ 2024 и довербата која ми беше доделена од раководството на МОК ја оправдувам и ќе продолжам во ист стил да го докажувам тоа на мој спортски начин.Минатата сезона освоив 4 медали на Балканијадите, станав Балкански шампион, 10 пати рушев национален рекорд и станав шампион во дисциплината 3000м на европското првенство за мали земји во Сан Марино. Оваа сезона ја продолжив со уште една титула Балкански шампион, два медала од балканијадите и во 5 наврати рушев национален рекорд. Сето ова доволно зборува колку се трудам и колку сум посветен во кралицата на спортовите за да успеам во таа моја голема цел за ЛОИ Париз 2024.

Колку е проблем за Дарио Ивановски тоа што нема конкуренција во Македонија и какви се условите во нашата земја во споредба со соседите? 

Ова е навистина голем проблем за мене кога се работи за остварување на одличен резултат на трка и секако тренирање без соодветни спаринг тркачи. Мојот единствен вистински тренинг пријател е велосипедот на тренерот со кој го бркам и совладувам поставениот таргет на моите тренинзи.Едноставно се прилагодуваш на моментот дека велосипедот е твојот вистински конкурент и тренираш како да е реално на трка.На сите трки во Македонија од март 2016 година имам победи 100% и понекогаш ги трчам тактички за да стигнам до победата без посебна резултатска цел.Во соседството изминатите две сезони исто така падна квалитетот на средни и долги патеки така да и таму имам одредени проблеми за да тренирам во група кога одам на подготовки.Условите во нашите соседни земји се далеку подобри од нашите и затоа имаат квалитетна атлетика.Еве за пример Р.Србија оваа година доби организација на светско првенство во сала и на истото првенство добија и светски шампион во женска конкуренција.Ние сеуште немаме ниту атлетска сала а ни атлетски стадион за да се надеваме на големи успеси и да бидеме конкурентни на државите кои имаат развиено атлетика на многуповисоко ниво.

ТРЕНЕРОТ ЈАКИМОВСКИ Е ВИНОВНИКОТ ЗА ТОА ШТО ПОЧНАВ ДА СЕ ЗАНИМАВАМ СО АТЛЕТИКА! 

Како се одлучи да тренираш атлетика и таа да биде твоја професија? 

Мојата љубов кон атлетиката и професионалниот ангажман е приказна која ја имам прераскажано на многу интервјуа, но никогаш не е доста пак да се спомене и јас да се потсетам, нели?! Јас долги години како пионер и младинец бев активен и успешен репрезентативец во неколку дисциплини од боречките спортови со меѓународни успеси. На почетокот на 2015 година доживеав повреда на клучната коска (скршеница) која ме примора да направам пауза. Започнав со рехабилитација и со џогинг во мојата населба Илинден. Тогаш го забележав мојот тренер Игор Јакимовски како тренира долж патиштата низ нашата населба и го прашав за да трчаме заедно.Тој со задоволство прифати и после неколку тренинга ми предложи да тренирам заедно со него поспецифични атлетски тренинзи затоа што констатирал дека трчам многу лезно и брзо за почетник во овој спорт.Го направивме првиот засилен брзински тренинг и тогаш тој ми рече дека ако продолжам во атлетиката дека со гаранција ќе успеам.Го прифатив тој предизвик и за 1 месец јас излегов на мојот прв официјален настап во април 2015_та година. На мојата прва трка на 10.000м истрчав време од 37 минути и од трка на трка ги подобрував времињата. За два месеца веќе го победив и тренерот а веќе во јуни остварив и норма за настап на младнското балканско првенство каде истрчав 5000м за 15.58. Мојата одлука да ги напуштам боречките спортови и да се натпреварувам во кралицата на спортовите се покажа повеќе од успешна.Верувајте мојот живот целосно се промени во позитивна смисла и навистина сум среќен што сум дел од оваа бескрајна игра.Од тогаш поминаа цели 7 години а јас сеуште сакам да се докажувам и натпреварувам како да ми е прва сезона во атлетиката.

Има ли Дарио Ивановски атлетски идол? 

Па не би рекол дека имам некој посебно кој ќе го наречам идол. Едноставно секоја дисциплина има по некој атлетичар кој навистина го респектирам и ценам за постигнатите глобални успеси и рекорди.Можеби и подобро е така за мене за да комплетно барам инспирација за нов успех во многуте дисциплини на средни и долги патеки во кои се натпреварувам.

Кој е твојот тим кој е заслужен за успесите кои ги имаш? 

Јас би го нарекол семејство во вистинска смисла. За да успееш и да издржиш во овој прекрасен индивидуален спорт навистина е потребно да имаш вистинско семејство околу тебе како неопходна поддршка за мојата спортска мисија.Тоа семејство се моите најблиски дома кои имаат голем удел и мотив за целиот мој живот кој е насочен кон успехот во кралицата на спортовите. Мојот тренер Игор Јакимовски е единствениот човек кој го сметам за дел од моето вистинско семејство и кој е “виновен” за мојата успешна животна спортска приказна. Цели 7 години живееме иста приказна и во добро и во лошо, тренираме макотрпно, посветено, борбено и целиот свет го свртевме заедно во сите наши победи и порази на многу првенства. Многу работи не поврзуваат во животот и верувајте дека е вистинско задоволство да го имаш Игор МС за пријател, другар, тренер, ментор,колега спортист.Исто така би го спомнал и мојот претседател на клубот АК Делта – Александар Стојановски кој секогаш е 100% посветен да ми помогне во сите мои зададени цели како дел од нашите клупски активности, трки, тренинзи и се што е поврзано со атлетиката.

Кој е твојата најголема поддршка во животот? 

Тоа е дефинитивно моето семејство и мојот човек Игор Јакимовски. Секој на свој начин но дефинитивно тие се мојот ветер во грб и секако најголема поддршка. Не би можел да си го замислам мојот живот да не се дел од мојата љубов кон спортот – атлетиката.

САКАМ ДА СЛУШАМ МУЗИКА И ДА ГЛЕДАМ ФИЛМОВИ! 

Што сака да прави Дарио во своето слободно време кога не размислува на атлетика? 

Слушам музика, гледам филмови и многу сакам да се дружам со моите пријатели. Но, бидејќи два пати тренирам во денот морам да бидам во секој момент фокусиран и нон стоп да мислам на атлетиката. Секако да бидам одморен и свеж. Кога имам повеќе време постојано го користам за истражување и читање на интернет во врска со атлетиката и сите нејзини најнови стручни трендови.Во врска со професионалниот тренинг и врвните подготовки, медицинските истражувања и резултати кај атлетичарите, спортската исхрана, спортска опрема односно се што е поврзано со развојот на овој прекрасен спорт.Верувајте дека се повеќе има новитети и прогрес во атлетиката така да мора да бидете во тек за да успеете во своите високо поставени цели.

Се вчитува...