ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – ХРИСТИЈАН БУЗАЛКОВСКИ: Моите еден месец не разговараа со мене кога почнав да се тркам… Цел ми е еден ден да бидам дел од светски мото шампионат

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

========================================================================================================================== 

Најдобриот македонски мотоциклист Христијан Бузалковски ексклузивно за ЕКИПА.МК говореше за освојувањето на третата титула во БМ европскиот шампионат, но и за очекувањата од следната сезона каде за првпат ќе настапи во категоријата од 1000 кубни центиметри. 

Тој вели дека не смее да има пад на концетрација во ниту еден момент додека си на патеката, па дури и ако имаш и голема предност на трката. Бузалковски за ЕКИПА.МК открива како почнал да се занимава со мотоциклизмот, но и дека на почетокот не правел муабет месец дена со неговите родители. 

Нашиот најдобар мотоциклист смета дека и тоа како и е потребна авто-мото патека на Македонија на која покрај тоа што домашните авто-мото возачи ќе можат да тренираат ќе биде одлична можност за одржување и меѓународни трки. 

==========================================================================================================================

ЕДИНСТВЕН СУМ КОЈ ИМА ТРИ ТИТУЛИ ОД ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН КАРАКТЕР!

Стигна до трета титула во БМУ европскиот шампионат што значи овој успех за тебе?

Ова ни е трета титула во БМУ европскиот шампионат. Моментално сум единствен кој има три титули од интернационален карактер во брзински мотоциклизам. Овој успех е голема мотивација за мене за понатаму. Сето ова ме мотивира да не застанам да работам што е можно повеќе, да се фокусирам на следните предизвици и заедно со тимот да работиме на подобрување на перформансите во следните категории. Во новата сезона преминува во класата до 1000 кубни центиметри и ќе биде голем предизвик и за мене и за мојот тим.

Следна сезона ќе бидеш дел од категоријата од 1000 кубни центиметри. Кои се твоите очекувања? 

За првпат ќе настапам со мотор од 1000 кубни центиметри. Ќе биде многу потешко да се адаптирам на моторот бидејќи тој има многу електроника кои што ги дозволува моторот и мораме многу добро да ги анализираме за да најдеме добар сетап на секоја различна трка. Ќе ни биде предизвик, но се надеваме зошто да не уште од самиот старт да ја нападнеме титулата. Не давам никаква прогноза, ќе биде тешко бидејќи ќе се борам со многу поискусни мотоциклисти, но наше е да пробаме.

НА МОМЕНТ АКО ТИ ПАДНЕ КОНЦЕНТРАЦИЈА МОЖЕ ДА ЗНАЧИ КРАЈ ЗА ТЕБЕ НА ТРКАТА!

Како се подготвуваш за трка и што размислуваш додека си на патеката? 

Ако во еден момент се дефокусираш можеш да изгубиш и две до три секунди по круг. Секој пат пред трка ја анализирам датата. Секогаш недостига мал сегмент за да напредуваме половина до секунда секој круг. Го проверуваме буквално целиот мотор и правиме анализа буквално до последниот момент. Пред трка сите мисли ми поминуваат во глава. Дали ќе стартувам добро, дали ќе влезам добро во првата кривина која е најважна на една трка. Кога ќе тргнеме веќе е се друго. Се фокусирам само на една цел како да возам што побрзо.

Дали е возможно во тек на трка да има пад на концентрација и опуштање? 

Во повеќето трки сезонава бев убедлив. Со текот на годините искуството е се поголемо, па кога е во прашање годинава и кога имав голема предност гледав да го задржам темпото кое го имав претходно. Мали се разликите во овој спорт и затоа и кога не ризикуваме многу тоа се големи брзини. Ако сум возел со 190 километри на час во кривина, кога ќе намалам на 175 исто е многу брзо, но тоа во нашиот случај значи дека помалку ризикуваме и возиме повнимателно.

Која е целта на Христијан Бузалковски во иднина. Можеби настап и во Мото ГП? 

Целта ни е да настапиме на светски шампионат. Мораме да одлучиме на кој. Мојата цел е да настапам на Ендуранс ворлд чемпионшип. Мое мислење е дека не е многу далеку од тоа што сме сега во моментов и тоа ми е најголема цел. Мото ГП е многу тешко да се стигне бидејќи таму доминираат Шпанија и Италија. Потребен е многу силен спонзор и таму и политиката е многу важна бидејќи најчесто влегуваат возачи кои што се од Италија или Шпанија.

НА МАКЕДОНИЈА И Е ПОТРЕБНА АВТО-МОТО ПАТЕКА!

Дали на Македонија и е потребна патека за авто-мото спортови? 

Дефинитивно и е потребна на Македонија патека за авто-мото спортови. Ни треба една патекаа барем 3/3,5 километри. За да можеш да имаш базичен сетап на моторот и да може да тренираме и тука. Покрај тоа ќе можеме да одржуваме и меѓународни трки на кои ќе доаѓаат и странски возачи и патеката може да биде само плус за една мала земја како што е Македонија.

ВАЛЕНТИНО РОСИ Е МОЈОТ ИДОЛ!

Од каде љубовта на Христијан за моторите и кој е твојот идол?

Сега е многу подобро и со спонзори и со се. Почетокот искрено беше многу тежок. Треба многу време да се трудиш за да стигнат и добри спонзори и да имаш поддршка. На почеток немав поддршка ниту од мајка ми и татко ми. Потекнувам од тркачка фамилија. Татко ми и брат ми цел живот се со моторите. Јас на 5 години го добив првиот мотор, а потоа се чудеа моите зошто сакам да се тркам. Тренирав како дете и фудбал играм добро, но дефинитивно моторите се мојата љубов. Со брат ми во еден момент бевме сосема сами. Буквално не правевме муабет дома со мајка ми и татко ми еден месец. Татко ми сега доаѓа и е дел од мојот тим. Мајка ми не ни доаѓа повеќе бидејќи не може да ги глеа моите трки. Сепак, по овие три титули добив и спонзори и сега е многу полесно. Мотоциклизмот е скап спорт и многу е тешко да успееш во него. Сепак, се што сум јас денеска е на заслуга на брат ми. Затоа и на моторот го носам бројот 71 кој е негов број. Идол од дете ми е Валентино Роси, иако веќе не вози и ја заврши кариерата тој е мојот идол.

 

Се вчитува...