ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – Македонецот Цветковски кој работи во Хакен: Нема успех преку ноќ, титулата се „создаваше“ 10 години!

ЕКИПА направи интервју со Македонецот кој веќе 10 години работи во Хакен. Христијан Цветковски почна од младинските категории, па стигна до А тимот на Хакен, кој оваа сезона испиша историја во Шведска. Зборува за тоа како се создаваше тимот кој ја испиша историјата, велејќи дека тоа било процес кој траел и десетици години. Во Шведска прво се прави инфраструктура, а потоа се гради тим за успеси. 

========================================================================================================================== 

Во 2012 година кога Хакен беше вицепрвак на Шведска, малкумина кои се надеваа дека истиот успех ќе се повтори. За малиот тим од Гетеборг тогаш тоа беше најголемиот успех во историјата. Десет години подоцна „жолто-црните“ дочекаа да ја освојат и првата титула шампион на земјата. Тимот од 1990 до 200 година, само три пати се натпреваруваше во најдобрата лига на Шведска, а од 2009 година па наваму секоја сезона е дел од шведската „елита“. Три години подоцна ќе стигне и најголемиот успех, кога титулата им избега во „пед до 12“.

Еден од креаторите на успехот е и Македонецот Христијан Цветковски. Цветковски десет години е дел од овој тим, најпрво во Академијата на тимот, а потоа инволвиран и во работата на првата екипа. Цветковски во моментов е главен тренер на вториот тим на Хакен, односно за фудбалери до 19 и 21 година, а неговата улога во тимот е индивидуален развој на офанзивниот дел од тимот.

ХАКЕН ИМАШЕ ДОЛГОРОЧЕН ПЛАН, ТИТУЛАТА СТИГНА НЕШТО ПОРАНО

Цветковски за ЕКИПА вели дека процесот на освојување на првата историска титула на Хакен траел цели 10 години, кога во 2012 година се донело петгодишен план, па пред две години уште еден нов план. Најпрво целта била создавање инфраструктура, а потоа откако тоа се направило, целта била титула, и таа била остварена пред завршувањето на планот.

„Навистина испишавме историја. Еден мал клуб дојде до шампионската титула, првпат во историјата и чувството прекрасно. Како се стигна до титулата? Оваа екипа се селектираше последните 2-3 години, но поважен беше процесот пред да се направи оваа селекција. За да се објасни овој план, потребно е да се вратам во 2012 година, кога јас дојдов во Хакен. Тогаш имавме план од пет години, и планот беше да се изгради стадион, тренинг центар и најважен план е да се работи на модел на игра што ќе биде специфичен, што ќе биде нашиот идентитет, и што ќе не следи 10 години. И тој модел почна прво да се применува во Академијата, во тие 3-4 години го тестиравме моделот, а во меѓувреме се направија условите, односно се доби стадион, тренинг центар, и се бараа играчи, се бараше и вистинскиот тренер, и веќе две години работиме со првиот тим. Лани почна план од пет години во кој беше токму титулата, и ние успеавме да го оствариме за две години. Клубот го градевме 6-7 ходини претходно. Тоа е процес, и тука не запираме. Одиме напрад, чекор по чекор. Влегоа правилни луѓе, и во 2012 година бевме втори, и тука клубот почна да верува дека може да дојде до титула. Се поклопија сите работи, и ете дојде титулата за која сонувавме. Успех преку ноќ не постои, особено не за вакви мали клубови. Тоа е долгорочен процес кој трае, и само со напорна работа и кон следење на таа зацртана цел, доаѓа успехот“, рече Цветковски.

ГЛАВНИОТ ТРЕНЕР ИМА 11 ПОМОШНИЦИ, СИТЕ ТИМОВИ НА ХАКЕН ИГРААТ ИСТ СИСТЕМ

Секој тренер си има своја улога и своја задача во Хакен, вели Цветковски. Еден работи со напаѓачите, друг со одбраната за прекини, трет за физичката подготовка, четврт за креација на напади, па за тактика… Голем стручен штаб има Хакен, и секој има заслуга за оваа историја.

„Интересно е тоа што тројца тренери кои бевме во Академиијата, сега сме вклучени во стручниот штаб. Континуитетот е важен. Главниот тренер има дури 11 помошници, меѓу кои сум и јас. Нема ништо случајно. Имаме специјалисти кои работат на прекини, дефанзивни принципи, офанзивни тактики, тренер кој работи со анализа и тактика, анализа на противник, од Шпанија имаме кондициски тренер, многу голем стручен штаб. И најважно е селектирањето. Кога одлучивме дека ќе играме со тактика 4-3-3, и дека ќе играме офанзивен фудбал, тогаш почна и селектирањето на играчи кои одлично се прилагодуваат на таа тактика. Спортскиот директор исто така заврши голема работа, сите засилувања кои ги донесе се покажаа одлични, и тие играчи кои дојдоа се покажаа за најдобри“, вели Цветковски.

ТЕШКО Е ДА СЕ ПАРИРА НА ГОЛЕМИТЕ ЕКИПИ ЗА ТРАНСФЕРИ

Во Шведска во последните години доминира Малме, и покрај тоа што има повремени „испади“ на некои други клубови како Норчепинг, Ѓургарден, АИК, Елфсборг. Секој играч кој ќе дојде во Шведска се убедува или со финансии, или со ветување дека ќе игра стандарно и ќе има се што е потребно. Хакен не е клуб кој може да се носи со финансиите со еден Малме, па и АИК, затоа има своја политика на убедување на играчите да дојдат таму.

„Можеби најтешка задача е да се убедат играчите да дојдат кај нас, затоа што ние сме мали, особено во однос на Малме, па и АИК. Ние селектираме играчи со високи технички квалитети, индивидуално силни играчи, креативци, и во Хакен имаат голема слобода. Ги убедуваме со тоа што им гарантираме дека ќе играат отворен и модерен фудбал. Младите играчи сакаат да играат кај нас. Немаме толку можности да ги купиме најдобрите, но ги земаме играчите кои може да се прилагодат на нашата игра, и секако да се развиваат. Мојата улога на пример е развој на серниорски играчи. Работев со 32 годишен Данец и работиме индивидуално. На пример Јеремејев е нашиот најдобар стрелец со 22 гола. Досега не можеше да даде повеќе од 11 голови, сега оваа сезона даде 22. Не можеме да ги земеме најдобрите, но ги земаме играчите за кои мислиме дека можеме да ги развиеме. Ете на пример Гетеборг ангажираше искусни играчи, еден од нив беше Хамшик, но брзо увидоа дека тоа се потрошени играчи, кои веќе се на залез на кариерите, и дека така нема успех па брзо се откажаа од таа концепција“.

ТРПЧЕВСКИ ЌЕ БИДЕ ОДЛИЧЕН ИГРАЧ

На титула во Хакен се радуваше и младонскиот репрезентативец Филип Трпчевски. Трпчевски ќе биде добар играч, смета Цветковски, и покрај тоа што оваа сезона имал пех и рано на почетокот на сезоната ги повредил лигаментите по што следела долга пауза.

„Тука кај нас е Македонецот Филип Трпчевски, кој што тргна одлично. Меѓутоа после 4-5 кола имаше несреќа да се повреди и да ги скине лигаментите, и да паузира до крајот на сезоната. Јас верувам дека тој ќе биде одличен играч, иден репрезентативец. Се надевам дека ќе сметаме на него многу скоро. Тој потекнува од оваа школа, и мислам дека многу ќе му помогне на тимот и во Европа“.

МАКЕДОНИЈА ИГРА МОДЕРЕН ФУДБАЛ, РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА ОДИ ВО ДОБАР ПРАВЕЦ

Христијан Цветковски даде коментар и за македонската репрезентација…

„Македонската лига не ја следам поради тоа што немам време. Репрезентацијата на Македонија ја следам секако. Мислам дека има успех, има успех, стигнавме на ЕП, конкурентни сме, и тоа што стигнавме на бараж за Светско е одличен успех. Да се победи една Италија не е мала работа. Падот беше неминовен, затоа што има еден вид смена на генерација по откажување на Пандев кој беше главна алка на репрезентацијата. Играме модерен фудбал за разлика од порано, но треба да бидеме реални. Амбиција треба да имаме, но и да бидеме реални. Мислам дека треба да продолжиме во овој правец. И Игор Ангеловски претходно, и сега Благоја Милевски се модерни тренери кои работат со млади играчи кои играат во странство. Треба да се работи долгорочно, и мислам дека успехот ќе дојде. Само треба да го издржиме овој период. Начинот на кој играме ми се допаѓа, играме офанзивно, сакаме да играме, не се браниме, младите играчи играат храбро, не е како што бевме ние порано. Имаме потенцијал, треба само долгорочен план. Јас верувам во процес, кај мене нема случајност“.

ВО ШВЕДСКА ИМА МНОГУ МАКЕДОНСКИ ФУДБАЛЕРИ

Цветковски потенцира дека низ шведските лиги во младинските екипи на многу тимови има многу Македонци кои треба да се откријат.

„Искрено, откако сум вклучен со работата во А и Б тимот на Хакен, не ги следам младинските категории на другите екипи. Но, знам дека има многу Македонци, особено во младинските екипи. Во Малме во младинскот тим го има Адријан Зенделовски кого го имам гледано, и ми се допаѓа. Така што верувам дека има, само треба да се побараат и да се најдат“.

Се вчитува...