ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – ПЕТАР СПАСЕНОВСКИ: Знаев дека можам да освојам медал на ЕП… Доаѓа нова генерација каратисти која ќе „жнее“ многу одличја за Македонија

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

========================================================================================================================== 

Освојувачот на бронзениот медал од последното Европско првенство во карате, Петар Спасеновски отворено за ЕКИПА.МК говореше за успехот кој го направи на шампионатот во Турција. Тој искрено вели дека имал голем притисок пред борбата, но сепак успеал на одличен начин да изработи и да стигне до најголемиот успех во кариерата.

Спасеновски смета дека доаѓа нова генерација на македонски каратисти која живее како една фамилија и верува дека во иднина ќе носат уште многу медали за Македонија. Следна цел за него е освојување на медал на Медитеранските игри во Алжир, а како најголем виновник за овие успеси го посочува својот тренер Бошко Заборски како и неговите колеги од КК Макпетрол. 

==========================================================================================================================

ОЧЕКУВАВ И ВЕРУВАВ ВО МЕДАЛ НА ЕП!

Освои бронзен медал на Европското првенство во карате. Дали очекуваше ваков успех и што значи за тебе третото место на шампионатот на стариот континент?  

Искрено очекував медал. И минатата година на Европското чувствував дека можам. Дека сум тука некаде со другите борци. Минатата година не успеав поради некои други причини, но со работа доаѓа и резултатот. Цела година напорно работев и чувствував и на турнирите пред Европското првенство дека можам. Треба и да ти се поклопат некои работи и спортската среќа да биде на твоја страна. Овојпат се беше на моја страна имав три победи по ред се до полуфиналето каде ме совлада Енис Гарибовиќ од Босна и Херцеговина. И таа борба можев да ја добијам бидејќи иако имав негатива од 1-0, на крајот направив два поени кои долго време ги прегледуваа на видео-проверка. Судијата тргна прво да ми даде поен, но на крајот се премисли велејќи дека не се гледа добро ситуацијата. Среќа во борбата за медал против домашниот каратист од Турција, одработев добро и се заврши добро. Овој медал за мене значи дека треба да продолжам уште повеќе да тренирам и работам. Следното Европско или Светско првенство да биде посјаен мојот медал.

ЧУВСТВУВАВ ГОЛЕМ ПРИТИСОК ПРЕД БОРБАТА ЗА БРОНЗА!

Дали чувствуваше притисок пред борбата за бронза и што правеше во тој период од два дена меѓу борбите во прелиминарниот дел и таа за медал? 

Имав голем притисок во тие денови меѓу борбите во прелиминарната фаза и борбата за бронзен медал. Досега на младински првенства кога сум освојувал медали сите борби беа во ист ден и немав ни време да размислувам на борбите за медал и да чувствувам притисок. Два дена имав време за размислување. Имаше притисок, но се обидувам да го отфрлам. Кај мене е добро тоа што имам притисок до денот на борбата. Денот на борбата веќе не размислувам на ништо. Имам позитивна трема, но не дозволувам да ме изеде таа. За среќа поставивме добра тактика и успеав да ја освојам борбата. Дефинитивно моите колеги од КК Макпетрол беа мојата најголема поддршка во тој период. Петар Заборски, Давид Петков и Ангела Мојсовска. Тие цело време беа покрај мене во текот на цело патешествие до бронзениот медал.

Следуваат Медитеранските игри во Алжир. Ќе нападнеш ли медал и на ова натпреварување? 

Ако успеав да освојам медал на Европско првенство, зошто да не го повторам истото и на Медитеранските игри во Алжир. Сепак, и Медитеранските игри си имаат своја тежина, бидејќи има натпреварувачи и од земји надвор од Европа, како Алжир и Египет каде што има исто така многу добри каратисти. Размислувам за тоа дека можам да освојам медал и верувам во тоа.

МЕДАЛИТЕ ВО МЛАДИНСКИТЕ КАТЕГОРИИ МНОГУ МИ ПОМОГНАА ЗА ОВОЈ УСПЕХ!

Освојувач си и на медали во младинските категории. Колку тие успеси ти помогнаа да стигнеш и до сениорски медал? 

Медалите кои ги имав освојувано во младински категории многу ми помогнаа да стигнам и до овој сениорски медал. Со текот на годините тие резултати во младински категории те задржуваат во спортот. Да не биле тие резултати во младински категории не знам дали уште би тренирал карате. На две до три години јас секогаш имав по некој голем резултат. Ова ми е трет европски медал, а прв сениорски. Тоа е тоа што ме водеше сите овие години да останам во каратето и да продолжам напорно да тренирам. Значајни се тие резултати бидејќи многу од репрезентативците и на другите земји се бореле со мене во младински категории. Секогаш тој кој ќе земе особено во У21 медал голема е шансата тоа да го повтори и во сениорска конкуренција. Тоа се случи и во мојата ситуација. По Европското злато во У21 во 2019 година, сега имам европска бронза во сениорска конкуренција.

Дали сметаш дека доаѓа нова генерација македонски каратисти кои ќе прават успеси во следниот период? 

Заедно растеме оваа нова генерација на македонски каратисти. Aко нема позитивна работна атмосфера и хемија не би можел никој да функционира, ниту како спортист, ниту како клуб, ниту како репрезентација. Сите пораснавме заедно и сме освојувачи на медали од младински првенства. Ако можам јас секако дека може и некој друг да освои медал, неважно дали од Макпетрол или од некој друг клуб. Горе – долу сите сме на слично ниво. На Европско првенство е таква работата што е многу тешко сите да освоиме медал. Мала држава сме, но многу пати се случувало ради таа субјективност да останеме без медал. Добро е да освојуваме медали и не е важно дали сум јас или некој од моите колеги.

Член си на КК Макпетрол. Како си задоволен од работата со тренерите, но и со колегите од клубот? 

Како КК Макпетрол имаме дефинитивно најдобри услови во Македонија. Имам искуство со подготовки на повеќе места низ Балканов и тврдам дека имаме најдобри услови. Во Македонија дефинитивно, но морам да кажам дека и на балканско ниво сме меѓу најдобрите. Благодарен сум на поддршката од мојот клуб и мојот тренер Бошко Заборски кој секој ден е во сала со нас. Морам да го поздравам и кондицискиот тренер на Макпетро, Иван Тиосављевиќ кој секое утро е со него и работи со нас. Двајцата одлично соработуваат и прават вистинска работа. Морам да се заблагодарам и на моите клупски колеги со кои тренирам секој ден и ме тераат да бидам се подобар.

Како е да соработуваш во репрезентацијата со Александар Кузмановски, тренер кој сепак е дел од друг клуб? 

Во репрезентација со подготовки и се го надминуваме и клупското ривалство. Со мојот селектор Александар Кузмановски кој е тренер во друг клуб имам одлична соработка и успеваме да се зближиме на тие натпреварувања. Најважно е да има почит меѓу нас бидејќи имаме заедничка цел. Кузмановски имаше одлични совети за мене во текот на борбата за бронзата. Пробуваше цело време да ме натера да бидам смирен и да не избегам од тоа што е договорено. Со него ми е втор медал, освоев и јуниорски под негово водство.

ФАМИЛИЈАТА И КОЛЕГИТЕ ОД КЛУБ МИ СЕ НАЈГОЛЕМАТА ПОДДРШКА!

Кој е најголемата поддршка на Петар Спасеновски и што сакаш да правиш во слободното време? 

„Во слободно време сакам да играм ФИФА. Следам фудбал посебно Премиер-лигата. Голем дел од годината сум по натпреварувања и подготовки и слободното време го користам за дружба со пријателите. Сакам да излезам и да прославам со најблиските, особено по некој голем успех како што беше овој на ЕП. Не сме роботи и навистина некогаш ни треба одмор од професионалниот спорт и малку да се опуштиме. Најголема поддршка се моите родители. По една лоша фаза од кариерата седнав поразговарав со него и одлучивме или ќе продолжам тотално професионално со каратето или ќе се откажам и повеќе нема да тренинра. Секако голема поддршка ми е и мојот тренер Бошко Заборски, како и колегите од клубот.

Се вчитува...