Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.
==========================================================================================================================
Најдобрата македонска каташка во историјата, Пулексенија Јованоска, отворено за ЕКИПА.МК говори за големиот успех и учеството на Летните олимписки игри во Токио каде ќе биде единствениот македонски спортист во историјата кој ќе настапи во карате.
Со Пулексенија разговаравме за нејзините очекувања од игрите во Токио, но и за нејзината конкуренција која е навистина жестока бидејќи се најде во десетте најдобри каташки во светот.
Пулексенија вели дека учеството на ЛОИ е најголемиот успех во нејзината кариера и покрај тоа што има многу медали од големи натпреварувања, а во 2019 година беше избрана за најдобра спортистка на Македонија. Да може да разговара со малaта Пулексенија која на 6 години почна со карате, би и кажала само да гази бидејќи колку и да е трнлив патот на крајот се se исплатеше.
==========================================================================================================================
НЕВЕРОЈАТНА ЧЕСТ, НО И ПРИТИСОК Е ТОА ШТО ЌЕ БИДАМ ЕДИНСТВЕН ПРЕТСТАВНИК ВО КАРАТЕ НА ЛОИ ВО ИСТОРИЈАТА
Први импресии кога дозна дека добиваш вајлд-карта за учество на Летните олимписки игри и што значи за тебе тоа што ќе бидеш единствен претставник на Македонија во карате на смотрата на најдобрите спортисти во светот?
Прво беше вистински шок за мене кога дознав дека јас сум избрана да ја претставувам Македонија. Тотално беше неочекувано и бев во неверување. Сега кога ми легнаа импресиите свесна сум што значат Олимписки игри, свесна сум колку е тешко и што значи Македонија првпат, а можеби и за последен пат да има претставник во карате на игри. Неверојатно е што тоа сум јас. Јас да настапам таму и да бидам претставник во карате. Притисок, одговорност се во едно имам во моментов. Не можам да опишам каква чест претставува сево ова за мене. Не можев да престанам да плачам кога дознав и ветувам дека ќе дадам максимум и достојно ќе се претставам. Дефинитивно горда сум на себе што издржав толку долг процес на натпревари и ќе се најдам во десетте најдобри каташки во светот. Горда сум што секаде покажав дека заслужувам да одам на ЛОИ. Задоволна сум се што покажав сите овие години, но и се што издржав сите овие години. Луѓето кои ме знаат, знаат за што зборувам. За сите турбуленции кои ги имав во кариерата. Сите повреди, сите операции и некако четири години натпреварување и бркање на олимписка норма, кога доаѓаш на крај на патот се прашуваш дали вредеше, се вртиш и сфаќаш дека си успеала и сфаќаш и тоа како вредеше.
НА ЛОИ САКАМ ДА УЖИВАМ И НА НАЈДОБАР МОЖЕН НАЧИН ДА СЕ ПРЕТСТАВАМ
Со учеството на ЛОИ се најде во избрано друштво на десетте најдобри каташки во светот. Колкава е конкуренцијата и како тие се подготвуваат за ова историско натпреварување?
Свесна сум дека одам со вајлд-кард, но во исто време знам дека заслужувам да одам на ЛОИ. Најголемата конкуренција ќе ми бидат европските каташки. Исто така има квалитетни натпреварувачки и од Јапонија, Хонг-Конг и САД. На пример натпреварувачката од Хонг-Конг е неверојатна. Заедно со нејзиниот тренер веќе шест месеци се во изолација и целосно се посветени кон освојување на медал на игрите и ништо други не ги интересира. Сите натпреварувачки даваат голема жртва. Свесна сум колку треба да се жртвуваш бидејќи знам колку години работам за ова. Сепак, минатите години на сите натпреварувања имам покажано дека можам да се носам со сите противнички. Сите што се од Европа плаисирани во Токио јас ги имам добивано и уште еднаш ќе кажам знам дека заслужив да бидам дел од ова натпреварување.
Кои се очекувањата на Пулексенија Јованоска од Олимписките игри, можеби напад и на медал?
Очекувам да дадам максимум и достоинствено да се претставам на игрите. Влегувам како аутсајдер со вајлд-карта од една страна, но од друга страна сум сериозен кандидат за медал бидејќи само десет каташки ќе бидеме во Токио. Ќе повторам поголемиот дел од противничките ги имам добивано. Германката скоро на секое натпреварување беше зад мене. Французинката добро знаеме како ме доби во битката за бронза на Европското првенство 2019 година и каква неправда беше тоа. Турчинката исто така ја имам добивано. Конкуренцијата е силна, но моите резултати покажуваат дека можам да се носам со сите нив. Најважно е да бидам сконцентрирана пред натпреварите и едноставно да уживам на татамите и да го живеам сонот на најдобар можен начин.
ВРВ НА КАРИЕРАТА ЗА ЕДЕН СПОРТИСТ Е ДА СЕ НАЈДЕ МЕЃУ ДЕСЕТТЕ НАЈДОБРИ ВО СВЕТОТ
Беше дел и од квалификацискиот турнир за пласман на ЛОИ во кој на крајот одлучуваа нијанси. Бидејќи судиите го имаат главниот збор во катите, колкаво е значењето од која земја доаѓа каратистот?
Квалификацискиот турнир некако се знаеше кои треба да идат на ЛОИ. Иако беа светски квалификации некако уште пред турнирот се знаеше дека треба да влезат три натпреварувачки од Европа. Влегоа натпреварувачки од Германија, Франција и Турција кои се големи земји и се кажува тоа за нив. Дадов максимум и задоволна сум од самата себе, бидејќи разликата беше мала и одлучуваа баш тие нијанси кој од каде доаѓа. Сите кои што се занимаваат со спорт знаат дека голема улога во сите спортови имаат судиите, а посебно во каташките натпреварувања во карате. Одлуката ја имаат само судиите. Се бодува атлетска и физичка подготвеност, но сите ние излегуваме со грбот на земјата која ја претставуваме и со знамето и самото тоа значи многу. Сепак, сето тоа не ме обесхрабрува бидејќи знам колку можам да дадам и често пати и покрај се тоа сум успеала да направам големи успеси за нашата држава. Сите медали кои ги имам донесено кажуваат многу за мене. Ќе игра голема улога што сепак нема да имаме судија претставник во Токио, но јас ќе дадам максимум на татамите. Знам дека се што треба да направам таму е да покажам се што вежбав сите овие години.
Кој е планот на подготвки за настап на Летните олимписки игри?
Со самата покана кога стигна дека сум дел од ЛОИ веднаш следниот ден со мојот тренер Стојан Андриевски составивме програма која ќе одработиме во следниот период. Бев во одлична форма на квалификациите во Париз и веднаш по враќањето дознавм дека добив вајлд-кард. Не застанав со тренинзи. Во Македонија ќе ја темпирам формата до 3. јули кога ќе заминам за Словачка каде ќе ја чистам мојата форма. Три недели ќе бидам таму и ќе работам со една од најдобрите жени во мојата професија која е неверојатно барана во источна Европа. Тие три недели ќе ги посветам само на карате за да можам максимално да ја исчистам техниката и да го одработиме последниот дел од една приказна која трае повеќе од десет години. По Словачка се враќам во Скопје каде ќе направам анализа со Андриевски за тоа до каде сме и што сме сработеле, по што на 29. јули заминувам за Токио. „Не сум застаната со тренинзи и постојано сум во тренажен процес. Ќе дадам се од себе да се подготвам најдобро што можам и во најдобро светло да ја претставам Македонија. Прво ќе уживам за себе, бидејќи се што правам во животот правам за мене. Сега е мое време, ова е мој настап и мој сон и ќе уживам во секој момент.
УЧЕСТВОТО НА ЛОИ МИ ЗНАЧИ ПОВЕЌЕ ОД БИЛО КОЈ ДРУГ МЕДАЛ ИЛИ ПРИЗНАНИЕ!
Што значи лично повеќе за Јованоска? Учеството на игрите во Токио или наградата за најдобра спортистка на Македонија за 2019 година?
Дефинитивно учеството на Олимписките игри ми значи повеќе од добиената награда за најдобра спортистка на Македонија за 2019 година. Искрено имам многу награди добиено, бев и најдобра млада спортистка. Имам добиено најврвни признанија од нашата држава, но врвот на секој спортист е учество на ЛОИ. Сите овие години вложување. 20 години сум во каратето. Од мои шест години сум во карате, а од 2010 сум професионалец откако влегов во сениорска конкуренција. Имам освоено и европски медал, имам и балкански и домашни, така да ова сега што го правам е од мене за мене. Оскарите ги даваат за веќе заслужено, а настапот на Олимиски игри е за сето тоа што го направив овие 20 години за мене.
ВРЕДЕШЕ, И ПОКРАЈ СИТЕ СОЛЗИ, СИТЕ ПРОБЛЕМИ И ПОВРЕДИ…
Од оваа гледна точка што би и порачала и што би ја советувала малата Пулексенија која почнува да тренира карате?
Само продолжи да газиш бидејќи се вредеше. Уште еднаш да можам се би повторила на ист начин. Иако беше тежок и трнлив пат на крајот вредеше за сите проблеми што ги имав и сите откажувања. По природа сум борец, темпераментна, упорна и мојот карактер помогна за сево ова. Животот ме научи да бидам борбена, да бидам своја, да барам се што заслужувам и ова е само доказ кога се вложуваш од срце и душа и кога го работиш тоа што го сакаш искрено, универзумот ќе ти помогне. Се вклопија коцките во прав момент. Често пати се прашував во кариерата дали е доста и дали е време да се откажам. Што пропуштив во животот што изгубив, но сега стојам исправена пред сонот и можам само да кажам дека вредеше. Сево ова дојде во право време во вистински години кога се чувствувам зрела за спортот со премногу искуство зад себе и да можам да се носам со сето тоа што го носат Олимписките игри.
Каде се гледа Пулексенија Јованоска по завршувањето на кариерата. Дали е можна пензија по учеството на ЛОИ?
Нема шанси. Ова ми дава дополнителен мотив и искрено, не гледам како би се откажала од карате. Помислата на тоа да не отидам во денот барем еднаш на тренинг, едноставно не знам како би живеела. Ако еднаш ти се насади каратето во душата, таа врска останува за цел живот. Еден ден кога ќе дојде време да ја завршам кариерата сакам да останам во каратето и моето знаење да го пренесам на младите. Македонија има талент за кати. Деца кои навистина се трудат и вежбаат и навистина ме потсетуваат на мене во млади години и затоа сакам да помогнам на секој што ќе сака да ја прифати мојата помош. Така да кога ќе завршам со професионалната кариера дефинитивно се гледам како тренер, па еден ден здравје и да бидам селектор во кати во репрезентацијата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА