ЕКИПА избор на најдобрите во Првата лига за месец декември (ФОТО)

Месец декември ни донесе четири кола во Првата кошаркарска лига во кои беа постигнати неколку неверојатни резултати. Еуро Никел и Пелистер славеa со 55, односно 54 коша разлика над Ангели, новалијата Феникс 2010 го совлада актуелниот шампион МЗТ Скопје, Гостивар и Еуро Никел одиграа епски меч во „Младост“, а во последниот натпревар на годината битолчани ги „торпедираа“ аеродромци со 19 тројки во СЦ „Јане Сандански“.

Изборот на најдобрите во Првата лига за месец декември не беше лесен, но заслужено во него се најдоа: Пол Џексон од Работнички кој го предводеше нашиот најтрофеен тим со просек од 30.6 поени и 7.6 асистенции, Бре Ајви кој во тритте победи и еден пораз на Академија ФМП забележа просек од 20.5 поени, 4.5 скока и 4.5 асистенции, Марко Симоновски кој блескаше во дресот на Кожув со просек од 21.5 поени и 5.0 скока, Двејн Морган кој беше еден од лидерите на Феникс со 17.7 поени и 7.7 скока и Игор Кесар кој го предводеше Пелистер до перфекција со 24.7 поени и 8.2 скока.

Изборот за најдобар млад кошаркар му припадна на 18-годишниот Андреј Митревски кој во месец декември оствари просек од 16.5 поени и 5.2 скока со одлучувачка тројка во победата над МЗТ Скопје, а тренерот на месецот е Марјан Илиевски кој остана перфектен со 12 победи во исто толку меча во првиот дел од сезоната.

Се вчитува...