Екипа Топ 5: Идеална петорка на 16. коло во Првата лига (ФОТО)

Во насока на засилена промоција на кошаркарската игра на домашната сцена, ЕКИПА со избор на најдобрите од секоја рунда натпревари од Првата македонска кошаркарска лига. Јасно е дека пандемијата на коронавирусот сериозно ќе влијае на навремено одигрување, без никакво одложување, на сите натпревари од актуелно коло, поради што во изборот влегуваат натпреварите кои единствено се одиграле согласно протоколите за заштита од Ковид-19.

Изминатиот викенд во Првата лига беа одиграни четири од предивдените шест натпревари од 16. коло по кои на победи се радуваа Пелистер кој на домашен терен беше поуспешен од Академија ФМП, Гостивар кој им се врати на победи на мечот против Црн Дрим, Еуро Никел кој успеа да го добие неизвесниот „сино-бел“ натпревар против Куманово, како и Кожув кој благодарение на перфектна четвртина стигна до победа над ТФТ. Поради настапи во АБА2 лигата, одложени беа дуелите помеѓу МЗТ Скопје и МЗТ Скопје 2, и Работнички – Вардар.

Во идеалната петорка на колото место има за кошаркарите на Гостивар, Алекандар Костоски кој мечот во Струга го заврши со дабл-дабл учиник од 16 поени и 10 асистенции, а додаде и 6 скока, како и Џалон Фрајдеј кој со 24 поени, 11 скока и 4 блокови беше предводник на „сино-белите“ до враќање на победничките патишта.

Димитар Караџовски беше еден од најзаслужните за „кам-бек“ победата на Кожув со 13 поени, 10 асистенции и 3 украдени топки, додека високите позиции ги завземаа Бојан Трајковски кој со 20 поени и 13 скока го предводеше Пелистер, и Роберт Рикиќ кој неизвесниот натпревар во Куманово го заврши со 25 поени и 7 скока.

Се вчитува...