Екипа Топ 5: Идеална петорка на 17. коло во Првата лига (ФОТО)

Во насока на засилена промоција на кошаркарската игра на домашната сцена, ЕКИПА со избор на најдобрите од секоја рунда натпревари од Првата македонска кошаркарска лига. Јасно е дека пандемијата на коронавирусот сериозно ќе влијае на навремено одигрување, без никакво одложување, на сите натпревари од актуелно коло, поради што во изборот влегуваат натпреварите кои единствено се одиграле согласно протоколите за заштита од Ковид-19.

По подолг временски период конечно во Првата лига беа одиграни сите предвидени натпревари за едно коло, а рундата број 17, ни донесе одлични натпревари по кои беа забележани неколку изненадувачки победи. Во преден план остануваат поразите на македонските АБА-лигаши, МЗТ Скопје и Работнички чии гостувања против Академија ФМП, односно Куманово завршија со по два бода за домашните тимови.

Покрај овие две средби, Пелистер стигна до нова „стотка“, реванширајќи им се на гостиварци за поразот во „Боро Чурлевски“ во првиот меѓусебен натпревар. Бајката на ТФТ продолжи и по мечот против Вардар во кој новалијата стигна до десетата победа во сезоната, додека изненадување приреди и МЗТ Скопје 2 кој на домашен терен славеше над Кожув. Очекувањата ги оправда Еуро Никел кој на отварање на колото славеше со 111-74 над Црн Дрим.

Во идеалната петорка на колото место имаше за бековите на Куманово и МЗТ Скопје 2, Дамјан Робев и Максим Митевски кои беа едни од предводниците на своите тимови до победа против „црвено-белите“ состави. Робев средбата против Работнички ја заврши со дабл-дабл учинок од 12 поени и 10 скока на кој додаде и 5 асистенции, додека Митевски во СЦ „Јане Сандански“ броеше до 18 поени, на кои додаде и 5 скока и 4 асистенции.

Никола Малешевиќ беше на чекор до трипл-дабл учинок на гостувањето во „Младост“ со 19 поени, 9 скока и 8 асистенции, а извонреден натпревар одигра и Амир Смит кој на дабл-дабл учинокот од 20 поени и 19 скока, додаде и 4 блокови. Одличен натпревар овој викенд имаше и Теодор Атанасов кој со 21 поен и 9 скока беше предводникот на Академија ФМП до големата победа во Кислеа Вода против актуелниот шампион.

Се вчитува...