Екс-кошаркарски репрезентативец ќе го спасува ФК Борец Велес

Поранешниот кошаркарски репрезентативец на Македонија, Владимир Брчков, најверојатно ќе биде спасителот на ФК Борец од Велес. Порталот ММС прв ја објави информацијата дека токму овој кошаркар заедно со неговиот братучед Марио Брчков да застанат на чело на клубот по повлекувањето на бизнисменот Кочо Анѓушев, за да го спасат велешкиот прволигаш од колапс.

Брчков кошаркарската кариера ја почна во Ангели од Велес, а во кариерата има настапувано и за Работнички, Фени индустри, Кожув, Струмица како и за албанска Тирана. Тој се уште е дел од велешката кошаркарска сцена, како член на второлигашот Борец Велес.

„Идејата беше на мојот братучед Марио, кој ме побара да му помогнам сметајќи на моите конекции и искуство во професионалниот спорт. Го сакам Велес, го сакам фудбалот и сметам дека велешани заслужуваат да гледаат прволигашки натпревари. Очекувам во следните денови да се комплетира преземањето на клубот и Борец подготвен да го дочека вториот дел од сезоната“, изјави Брчков за „ММС“.

Во меѓувреме, Борец продолжува со тренинзите под водство на новиот тренер Борче Христов. Ново име во редовите на велешкиот клуб е и младинскиот репрезентативец Азер Омерагиќ, кој доаѓа од редовите на сплитски Хајдук.

Се вчитува...