Експрес елиминација на ЖРК Куманово во Челинџ купот

ЖРК Куманово загуби од Геониус со 31-21 и во вториот натпревар од 3.коло и во Челинџ купот на кој холандскиот тим  формално беше во улога на домаќин во салата во Куманово. Исходот од овој дуел беше извесен уште по вчерашниот прв меч во кој кумановки беа поразени со 15-39.

Искуството на Холанѓанките и разликата во квалитет се потврди и на терен. Кумановки иако и двата натпревари со Геониус ги играа на домашен терен, сепак беа немоќни во овој двомеч со холандскиот претставник и брзо се простија од настапот во Челинџ купот.

Слично како и на првиот натпревар, ракометарките на Геониус уште од старт доминираа на теренот во сите 60 минути. На полувремето имаа водство од 16-10, а потоа мирно ја довршија работата во вториот дел и со две победи го заверија пласманот во следната фаза од Челинџ купот.

Јована Кипријановска постигна четири, а Сања Дабевска заврши со три гола за ЖРК Куманово, додека кај Геониус најефикасна беше Росане Бејерс со осум гола.

Се вчитува...