„Ел Класико“ статистика: Барса никогаш не била шампион кога загубила два меча од Реал Мадрид

Реал Мадрид славеше на синоќешното дерби со Барселона, што е вкупно 98 победа за „кралевите“ во овие големи пресмеки, со 410 постигнати голови за „белите“ од Мадрид. Наспроти нив, Барселона остана на 96 победи, каталонскиот гигант има 401 постигнат гол на „Ел Класико“ дуелите, додека 52 средби завршиле без победник. Што се однесува до натпреварите одиграни во Мадрид, тука Реал има доминација од 54 победи, со 15 реми и 22 триумфи на Барселона.

Каталонскиот ривал е уште е во игра за титулата, но традицијата вели дека Барса никогаш во историјата не станала шампион во сезона во која ги загубила двете „Ел Класика“. Реал еднаш успеал да стигне до титулата откако ги загубил двете средби со Барселона, нешто што се случило во сезоната 1975/76.

Серхио Рамос поради повреда не настапи на овој дуел, откако искусниот дефанзивец ги одигра последните 22 Ел Класика против Барселона. Лионел Меси сега се израмни со Рамос на листата на играчи со најмногу дерби-пресметки, двајцата имаат по 45.

Синоќа продолжи и слабата форма на Лео Меси, кој е бледа сенка од себе си на овие дуели откако Кристијано Роналдо си замина од Реал Мадрид. По крајот на тоа големо ривалство Меси одигра уште седум дуели против Реал, а се уште нема ниту постигнато гол, ниту асистенција. Само за споредба, на шесте последни „Ел Класика“ пред заминувањето на Роналдо, капитенот на Барса постигна пет гола и имаше една асистенција.

Се вчитува...