Реал Мадрид не успеа да ја продолжи серијата од пет победи во Ла Лига откако „кралевите“ вечерва ремизираа 1-1 на гостувањето против Елче. Дуелот почна одлично за избраниците на Зинедин Зидан, кои преку Лука Модриќ стигнаа до рано водство, со ударот со глава на Хрватот по одбиената топка од гредата по проектилот на Асенсио.
Елче не се предаде, па на почетокот од второто полувреме домаќините успеаја да израмнат од пенал по прекршокот што го направи Карвахал. „Кралевите“ тргнаа во офанзива во завршните триесетина минути, создадоа неколку убави шанси, но не успеаја да постигнат и втор гол со кој ќе стигнеа до шестата победа во низа.
Убава шанса имаа и домаќините, кога слободниот удар на Порту во 83. минута со крајни напори беше одбранет од Куртоа, непосредно пред последниот судиски свиреж.
По вечерашното реми, Реал има два бода помалку, но и два натпревари повеќе во однос на лидерот Атлетико Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА