ЕЛИФ ЕЛМАС, она што не го знаете: „Бате Никола, ги гледав Германците и не се ништо посебно, ќе видиш ќе ги победиме!“

Кога ќе се сретнете со Елиф Елмас на некој од репрезентативните собири веднаш ја забележувате неговата максимална пристојност, силно домашно воспитување и почит кон секого кој е во или околу репрезентативните кругови. Пристојност, воспитување и почит надвор од теренот со истиот интензитет, пак, каква што е неговата фудбалска дрскост, пркос и отпор на теренот. Затоа е и посебен!

Момчето кое растеше некаде меѓу љубовта кон фудбалот и огромната желба да му помогне на својот татко во семејната слаткара во Скопје, дефинитивно го одбра фудбалот. Затоа што тоа е љубов на прв поглед.

„Носи неверојатна љубов кон фудбалската игра, и тоа е нешто кое не може да се опише со зборови. Едноставно дадено од Господ, сета таа љубов, талент, енергија и добрина кои се собрани во него“ – вели Никола Ѓошевски, агентот на Елиф, се чини и единствениот од близината на најталентираниот македонски фудбaлер кој буквално знае како дише.

Максималниот професионализам кој го носи во себе Елмас е лесно забележлив, дополнува Ѓошевски. Затоа што, на крајот на краиштата, и талентот не е ништо ако ја нема посветеноста и работата.

„Елиф е целосно посветен на фудбалот. Верувајте, со нетрпение тој го очекува секој тренинг, и со максимален жар пристапува на секој тренинг… А да не зборуваме за натпреварите. Се сеќавам на моментите кога ќе се вратеше од тренинг во Фенербахче, можеше уште со часови да зборува за секој детал од тренингот, за дуелите со соиграчите, за се што учи и за се што самиот демонстрира на терен. Исто е и во Наполи. Тој ја има и таа дарба вродена од прв момент да биде на исто ниво со сите оние ѕвезди во клубовите каде и да оди“.

ЌЕ ГИ ПОБЕДИМЕ СИТЕ ТРИ НАТПРЕВАРИ ВО ГРУПАТА НА ЕВРО 2020

А, што е тоа што го прави поразличен од останатите?

„Токму оној победнички менталитет кој го носи во себе. Неверојатна позитивна самодоверба преку која, секако носи респект за противниците, но никогаш не ги преценува. Пред натпреварот со Германија во март бевме заедно. Онака, неврзано го прашав што мисли за мечот во Дуисбург. Без многу размислување ми рече: ‘Бате Никола, ги гледав, ги анализиравме, не се ништо посебно. Ќе видиш, ќе ги победиме’. Да бидам искрен, збунето гледав на неговиот став. И, ете, го постигна победничкиот гол за Македонија во Дуисбург. Ете, тоа е Елиф!“

Истата таа победничка мисла Елиф ја носи и сега пред Европското првенство. Многумина збуни и со неговото категорично размислување: „Ќе ги победиме сите три натпревари во групата!“.

Но, ете тоа е Дијамантот! 21-годишната чиста душа за која никакво материјално не е од интерес, како што е во светот на гламурот и се она по што трчаат младите фудбалери низ Европа со кои е опкружен. Напротив, го следи само срцето. Така беше и при изборот на клубот во трансферот од Фенербахче во Наполи.

АНЧЕЛОТИ СО ЕДЕН ТЕЛЕФОНСКИ РАЗГОВОР ГО УБЕДИ ДА ДОЈДЕ ВО НАПОЛИ

Летото во 2019 година Манчестер сити, Јувентус, Тотенхем, Интер и Наполи се во редот за најголемиот македонски талент. Тогаш веќе има прифатена понуда за трансфер во Интер. Но, се случува неочекуван пресврт. Промена на клупата на Интер, кој го ангажира Антонио Конте. А, Конте е категоричен: „Не сакам млади фудбалери, Интер ќе ангажира исклучиво докажани врвни фудбалери кои ќе донесат титула“. Па, пред Елмас е нов избор, Тотенхем, Манчестер сити или Наполи…

„Бевме на финален договор со Фенербахче во Истанбул и заеднички разгледувавме која понуда да се прифати. Тогаш неочекувано добивме повик од Карло Анчелоти, харизматичниот менаџер на Наполи, кој побара директно да се слушне со Елиф. Откако заврши неговиот разговор со Елмас, Елиф многу набрзо потоа пресече – одам во Наполи“ – се потсетува Ѓошевски.

Елиф од големиот Анчелоти знаеше дека ќе добие многу фудбал. И тоа единствено беше најважно за него. Ништо друго.

Исто како што сега е најважно за него да ужива во првото историско Европско првенство за Македонија.

„Не може да поверувате и сега со колкаво нетрпение го очекува настапот на Европското првенство. Силно верува во оваа репрезентација, во Пандев и сите соиграчи. Навистина е возбуден и тоа е она кое го носи кон секој нов успех“ – вели Никола Ѓошевски.

ФОТО: Инстаграм

Се вчитува...