ЕЛИФ ЕЛМАС – Приказната за македонскиот „ДИЈАМАНТ“!

EКИПА, како партнер на реномираниот лондонски ГАРДИЈАН, ќе биде дел од медиумската „експертска мрежа на Гардијан“ за EВРО 2020, заедно со вкупно 22 европски медиуми меѓу кои и со „Газета дело Спорт“ (Италија), „Ел Паис“ (Шпанија), „Ди Цајт“ (Германија), „Спорт-Експрес“ (Русија), „Франс фудбал“ (Франција), „Блик“ (Швајцарија), „Телеспорт“ (Хрватска), „Стандард“ (Австрија)… Се во насока на што поквалитетно покривање на ЕВРО 2020! Целта на мрежата е размена на текстови и информации како читателите од секој од овие медиуми би имале поблизок и пореален поглед на секој од протагонистите на Европското првенство.

Во соработка со „Гардијан“, ЕКИПА за читателите на сите 22 европски медиуми, го издвои ЕЛИФ ЕЛМАС го како една од најголемите европски ѕвезди во раст, со приказната за македонскиот „ДИЈАМАНТ“… Се до почетокот на ЕВРО 2020 за читателите на „Гардијан“ и останатите европски медиуми ќе бидат издвоени и профилите на останатите македонски репрезентативци.

=======================================================================================================

Токму на преминот од 20. во 21. век, Македонија живеејќи политички турбулентни години малку размислуваше на фудбал. Малку и кој можеше, пак, и да претпостави дека низ тие бурни години со постојана меѓунационална тензија, како своја светла ѕвезда водилка за посветла иднина, земјата како божји подарок ќе го добие првиот вистински фудбалски “дијамант“ во историјата – Елиф Елмас.

Во последните месеци на 20.век во семејството на Џеват Елмас во Скопје, семејство за пример и на соседите и на маалото и на градот кое егзистенцијата ја одржува од локалната продавница за слатки, се роди Елиф. Момчето кое ете, 20 години потоа, сега е вистинскиот симбол за мултинационалната македонска фудбалска репрезентација која како никогаш досега ја обедини Македонија.

А македонскиот фудбал можеби во минатото имал имиња по кои бил препознатлив во Европа, како Дарко Панчев – Златната копачка на Европа од 1991 година, или Горан Пандев – освојувачот на Лигата на шампионите со Интер, но никогаш талент со огромен потенцијал да прерасне во светска класа. Во Елиф Елмас го доби и тоа!

Низ тие непредвидливи години, полни неизвесност, малиот Елиф расте некаде меѓу љубовта кон фудбалот и огромната желба да му помогне на својот татко во семејната слаткара. И малкумина знаат дека, поради тој период кога помагал во семејната слаткара, Елиф и денеска умее сам да ги направи најубавите традиционални македонски колачи. И веројатно, ако не се занимаваше со фудбалот, ќе ја продолжеше семејната традиција. Но, победи фудбалот.

Започнува поактивно со фудбалот на седумгодишна возраст во маалскиот клуб Фенербахче Тефејуз. Низ неверојатна коинциденција, пак, 11 години потоа во вистинскиот професионален фудбал ќе се впушти преку истоимениот клуб, само што тоа беше гигантот од Истанбул, кој го откупува од македонскиот прволигаш Работнички. Но, претходно минува период на раст најпрво во фудбалската школа на еден од најславните македонски фудбалери, Јовче Џипунов.

„Од најмали години беше лесно забележливо колку умее со топката. Едноставно доминираше на сите младински турнири на кои настапуваше. Неверојатна визија на теренот, креативност, природен талент. Не можеше да остане незабележен“ – вели Џипунов.

АНГЕЛОВСКИ ГО НОСИ ВО РАБОТНИЧКИ И НА САМО 16 ГОДИНИ ГО ПУШТА ВО ПРВИОТ ТИМ

А, го забележуваат и од ФК Работнички, најдобриот македонски клуб признат и препознатлив по работата со млади и талентирани фудбалери. Во тоа време менаџер во Работнички е актуелниот селектор на македонска репрезентација, Игор Ангеловски, кој има повеќе од трпение за работа со најголемите домашни таленти. По разговорите на Ангеловски со семејството на Елмас, одлучено е дека најдобро за тогаш 12-годишниот Елиф ќе биде да игра за младинските школи на Работнички.

Но, не го забележува само Работнички. Неколку европски клубови веќе наслушнуваат за скромното момче со огромен фудбалски талент од Скопје. Шпански Еспањол и холандски Херенвен се најупорни да го видат во своите редови. Победуваат Холанѓаните кои се вчудоневидени од природниот талент кој го поседува младиот македонски фудбалер. Но, бидејќи Елмас има само 15 години потпишан е преддоговор за негов премин во Херенвен кога ќе наполни 18 години. Сепак, не се реализира се како што посакуваат од холандскиот тим. Игор Ангеловски го зема Елиф под свое и со само 16 години и шест дена, во септември 2015 година, овозможува негово деби во првиот тим на Работнички. И, со 33 натпревари, шест гола и седум асистенции, во Првата лига на Македонија на само 17 години за Работнички, и дефинитивно комплетно се менува неговата фудбалска судбина.

„Имаше некоја чудна магија во него. Некој дотогаш незабележан фактор кој привлекуваше секого. Играше на повеќе позиции во тимот и секогаш одговараше беспрекорно на задачите, одличен преглед на играта, мајстор на асистенциите и феноменална завршница“ – ќе рече селекторот на Македонија, Игор Ангеловски.

А, животот на Елмас комплетно се промени летото 2017 година. Македонија го постигнува дотогаш најголемиот репрезентативен успех со пласманот на репрезентацијата до 21 година на Европското првенство 2017 во Полска. Креаторот на најдобрата македонска генерација, селекторот Боби Милевски, од која и сега за ЕВРО 2020 главни носители на игра се и Енис Барди, Бобан Николов, Дарко Велковски, Висар Муслиу…, на списокот за Полска го вметнува и тогаш само 17-годишен Елиф Елмас кој е убедливо најмладиот во националниот тим за ЕП 2017.

ОДБИЕН ’НЕПРИСТОЈНИОТ’ ПРЕДЛОГ ОД ФАТИХ ТЕРИМ

Но, пред да замине за Полска, Елиф Елмас кого веќе го забележува и тогашниот селектор на Турција, Фатих Терим, добива еден непристоен предлог. Со оглед на неговата националност, Терим го повикува да го промени спортскиот пасош и во иднина да игра за сениорската репрезентација на Турција.

„Немам двојба во чиј национален дрес во иднина ќе играм“ – беше одговорот на Елиф, тогаш и дефинитивно освојувајќи го срцето на целокупната македонска јавност.

Наскоро потоа, за Елмас се остварува и сонот. Игор Ангеловски го повикa да настапи за сениорската репрезентација на Македонија на квалификацискиот меч за СП против Шпанија во Скопје. Го одигра второто полувреме, на теренот истрчувајќи против Серхио Рамос, Андрес Иниеста, Иско…, уште тогаш на 17 години демонстрирајќи невидена фудбалска зрелост која ги воодушеви и шпанските медиуми издвојувајќи го на насловните страници.

По враќањето од ЕП 2017 во Полска, каде ги одигра сите три натпревари против Шпанија, Португалија и Србија, во составот на Боби Милевски, Елиф тоа лето 2017 го чека и нова животна одлука. Неговиот договор со Работнички истекува, а во редот за негов ангажман се 20 европски клубови. Сега веќе Херенвен отпаѓа од игра, затоа што не е во рангот на клубовите како Манчестер сити, Борусија Дортмунд и Фенербахче кои директно се впуштаат во трка за македонскиот бисер.

ТРАНСФЕРОТ ВО ФЕНЕРБАХЧЕ – МАКЕДОНИЈА ГО ДОБИ „ДИЈАМАНТОТ“

По долго размислувања, низ одлука во кое е вклучено комплетното негово семејство, се прифаќа понудата на турскиот гигант Фенербахче од Истанбул, кој го добива за само 300.000 евра исплатени на Работнички. Но, одлично одиграна игра на турскиот тим кој за да го убеди го вклучува и македонскиот кошаркар Перо Антиќ, инаку во тие моменти член на кошаркарскиот клуб на Фенербхаче. Елмас потпишува петгодишен договор. Ако се знае дека неговото презиме Елмас на турски јазик значи „Дијамант“, ете така Македонија од моментот на потпис со Фенербахче го добива својот фудбалски дијамант.

По две одлични години минати на Босфорот, летото 2019 година Елиф и неговото семејство, со кое е исклучително поврзан, се пред нова одлука. Елмас е избран за најдобар фудбалер на Македонија на годината, а многу клубови стартуваат трка за 19-годишниот „дијамант“. Сега Манчестер сити, Јувентус, Тотенхем, Интер и Наполи се во редот. Македонецот веќе има прифатена понуда за трансфер во Интер. Но, се случува неочекуван пресврт. Промена на клупата на Интер, кој го ангажира Антонио Конте. А, Конте е категоричен: „Не сакам млади фудбалери, Интер ќе ангажира исклучиво докажани врвни фудбалери кои ќе донесат титула“.

ИНТЕР ОТПАЃА ПОРАДИ КОНТЕ, А КАРЛО АНЧЕЛОТИ ГО УБЕДУВА ДА ДОЈДЕ ВО НАПОЛИ

Па, пред Елмас е нов избор, Тотенхем, Манчестер сити или Наполи…

„Бевме на финален договор со Фенербахче во Истанбул и заеднички разгледувавме која понуда да се прифати. Тогаш неочекувано добивме повик од Карло Анчелоти, харизматичниот менаџер на Наполи, кој побара директно да се слушне со Елиф. Откако заврши неговиот разговор со Елмас, Елиф многу набрзо потоа пресече – одам во Наполи“ – се потсетува агентот на Елиф, Никола Ѓошевски, еден од најголемите македонски фудбалски позначи, задолжен, заедно со неговиот татко, за кариерата на Елмас.

Наполи исплати 16 милиони евра на Фенербахче, а Елмас доби годишна нето-плата од 1,3 милиони евра. И, од тогаш се е историја. Македонскиот „дијамант“ почнува во 2020 година да ги живее своите соништа, и на клупски и на репрезентативен план. Преку УЕФА Лигата на нации Македонија, за првпат во својата историја, се избори за место на ЕВРО 2020, а Елиф е незаменлив дел од првиот тим.

МОМЧЕТО КОЕ ГИ РЕШИ ГЕРМАНИЈА И ЈОАКИМ ЛЕВ

За да вистинската ‘експлозија’ ја доживува на 31. Март 2021 година. Македонија во квалификациите за СП 2022 во Катар гостува на една од најмоќните светски репрезентации и ја шокира Европа со победата од 1-2 во Дуисбург. А, токму Елиф е македонскиот херој со гол во 84.минута носејќи ја најголемата победа во историјата за земјата која своето деби на големо фудбалско натпреварување го очекува на ЕВРО 2020.

„Ова е чувство кое не може да се опише со зборови. Да бидам стрелец против големата Германија и тоа за победа е нешто неверојатно. Ова е огромен мотив за настапот на Европското првенство“ – ќе рече Елиф.

И можеби сега 21-годишниот Елмас се уште е далеку да ги достигне височините на Роналдо или Меси, но во моментов и тоа е како е подготвен да го демонстрира сиот свој фудбалски раскош, токму во групата со Украина, Австрија и Холандија на ЕВРО 2020, пред очите на европската фудбалска елита.

Се вчитува...