Елиф Елмас се враќа: Да го оствариме сонот наш, на сите навивачи и на цела Македонија!

Еден од најдобрите македонски фудбалери Елиф Елмас повторно ќе биде на располагање на селекторот Благоја Милевски за финалниот натпревар против Португалија од баражот за пласман на Мундијалот во Катар.

Откако го пропушти мечот во Палермо со Италија, поради жолтите картони, сега Елмас се очекува повторно да биде во средниот ред на Милевски.

„Искрено, не очекува еден од најтешките натпревари во нашите кариера, еден од највозбудливите кои ќе ги паметиме. Останува пред нас да го оствариме нашиот сон, на сите навивачи и на цела Македонија. Тешко е да се издвојат зборови за тоа што не очекува. Едноставно мора да знаеме дека оваа шанса не смееме да ја испуштиме. Мора да ‘гинеме’ на терен за да успееме да дојдеме до Катар“ – истакна Елмас пред денешниот последен тренинг на националниот тим пред заминувањето за Порто.

Според фудбалерот на Наполи сега ќе биде многу поразличен натпревар од оној во Палермо. Португалците знаат дека не смеат да ја потценат Македонија…

„Ќе биде многу поразличен натпревар од оној во Палермо, затоа што Португалија индивидуално мислам дека малку е поквалитетна од Италија. Играме финале и знаат дека не смеат да не потценат, а би сакал да не потценат. Ова е финале и само 90 минути не делат и двете репрезентации до пласман на Светското првенство“ – вели Елмас.

Македонските репрезентативци по денешниот утрински тренинг на комплексот „Куќа на фудбалот“, денеска во 17 часот со чартер лет од скопскиот аеродром заминуваат за Порто. Натпреварот со Португалија се игра на „Драгао“ во Порто на 29. март од 20:45 часот.

Се вчитува...