Елиф Елмас викендов ќе го одигра својот последен меч за Наполи, по што ќе се приклучи на подготовките на македонската репрезентација свесен дека летово најверојатно ќе мора да ги стартува подготовките во Лајпциг, по што повторно ќе размислува за трансфер во нов клуб.
Наполи и Лајпциг не се договорија, италијанскиот тим побара намалување на клаузулата од 17 милиони евра, Германците не дозволија такво нешто, но во таборот на Лајпциг се свесни дека Елмас нема да биде дел од плановите на стручниот штаб, па веќе почнаа преговори со останатите клубови кои покажуваат интерес за македонскиот „дијамант“.
Информациите од Германија говорат дека Лајпциг има на маса две понуди од англиската Премиер-лига, и тоа од Астон Вила и од Сандерленд. Висината на понудите не се објавува, но двата клуба се подготвени да го откупат целосно договорот на Елиф, нешто на што Лајпциг ќе инсистира летово и нема да дозволи нова позајмица на македонскиот репрезентативец.
Елмас и во минатото беше поврзуван со клубови од Премиер-лигата, на крајот заврши во германскиот шампионат, па интересно ќе биде да се види дали Елиф конечно ќе заигра во најсилната лига на светот. Доколку се случи да заврши во Астон Вила, Елмас ќе има можност и повторно да заигра во Лигата на Шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
