Елмас: Мислам само на ЕП, горам од желба за успех!

Фудбалска Македонија ја започна магијата наречена Европско фудбалско првенство. Фановите на фудбалот со нетрпение очекуваат да го видат нашиот историскиот пласман на зелениот терен од јуни, а со голема мотивација и желба за успех го чека стартот на првенството и еден од предводниците на Македонија, Елиф Елмас.

Младиот играч на Наполи полн со оптимизам го најави дебитантското првенство за Македонија во сениорска конкуренција. Елмас вели дека знае како е да се игра на ЕП затоа што претходно бил со У21-тимот, но никогаш не се задоволил само со тоа и секогаш цели на повеќе. Така ќе биде и во А-тимот, каде сите сакаат да ја минат групата, па и да одат уште подалеку.

„Знаеме што направивме до овој момент, но, продолжуваме да работиме исто како и претходно, затоа што сите размислуваме на што е можно поголеми успеси. Како што кажав и по Грузија, никогаш не се задоволувам со пласман на едно ЕП. Неколку играчи од тука играа и на У21-првенството, знаевме кога дојдовме во А-тимот како е тоа. Направивме уште поголем успех од тоа, сега сме на сениорското ЕП и размислуваме само да го одиграме како што треба овој настан и да донесеме уште поголеми успеси. Сега се ќе зависи од нас. Веќе три месеци размислувам само за ЕП, откако дојдов во хотел, се дистанцирав на страна. Само репрезентацијата ме интересира. Ова е животна желба на секој фудбалер. Доаѓаме од мала држава, ова е нешто големо за сите и целиот наш народ. Се разбира дека имам и мала трема, но јас велам дека оној кој го сака фудбалот мора да има некое жарче во него кое гори за да сака повеќе. Играме за државата во која сме родени, во која сме израснале и сме направиле многу. Кога ќе видиш дека си го направил целиот народ горд, тоа ме прави уште посреќен. Македонија може да направи големи работи на ЕП. Пред овој циклус имавме добри настапи, но, на настанот ќе има доста работа и многу новитети за нас, па ќе мора пак да се докажуваме. Ќе мора да покажеме дека не сме туку-така пласирани на ЕП и дека сме таму само да се „прошетаме“. Ние ќе играме со големи репрезентации, ама веруваме во позитивен резултат. Одиме на ЕП да ја поминеме групата“, изјави Елмас.

Се вчитува...