Елмас: Шпанија е силен предизвик, има ли подобар противник за старт на ЕП!?

Веднаш по своето деби во сениорската репрезентација на Македонија на квалификацискиот дуел против Шпанија, 17-годишниот Елиф Елмас го очекува нов шпански предизвик, овој пат утре во Гдиња на стартот од Европското првенство 2017 во Полска.

Елмас е приклучен во составот на Благоја Милевски, иако не беше во комбинација за квалификацискиот циклус. Сепак, еден од најголемите таленти на македонскиот фудбал сега и тоа како може да биде освежувачки за репрезентативниот состав на едно турнирско натпреварување од ваков ранг…

„Сите заедно, како вистински тим треба одново да покажеме дека можеме да се носиме и надигруваме со најдобрите репрезентации. Ќе ни треба и малку среќа, сепак ова е прво наше големо натпреварување. Излегуваме да се соочиме со Шпанија, а тоа е предизвик, одговорност, но и уживање. Позитивниот притисок ќе биде присутен, но се надевам дека брзо ќе се опуштиме“ вели Елмас во изјава за официјалната интернет страница на ФФМ.

zajkov

Слично е размислувањето и на незаменливиот во одбраната Ѓоко Зајков, кој не крие дека него и Велковски сигурно ги очекува многу товар во дефанзивата против моќните противници но сето тоа носи огромен мотив за надигрување и успех.

„Шпанија е една од најквалитетните репрезентации, индивидуално се одлични, но ние сме 100 отсто мотивирани и го чекаме денот на натпреварот. Кај фудбалерите гледам осмех на лицата, а тоа е само по себе е позитивно. Знаеме дека мораме да држиме високо ниво на игра во текот на целиот натпревар и да бидеме дисциплинирани. Ова е прв натпревар за нас на Европско првенство, но во изминатите две години одигравме доволно силни дуели и мислам дека нема да биде претешко да го надминеме притисокот кој го носи овој тип натпревари“ – вели еден од капитените во селекцијата Ѓоко Зајков.

Се вчитува...