Елмас: Сите имаме ист детски сон – да станеме шампиони

Елиф Елмас максимално ја користи скромната минутажа што ја добива од тренерот Лучијано Спалети, а македонскиот ас беше човек на одлука на тешкото гостување против Аталанта, јасно покажувајќи дека на него секогаш може да се смета.

Наполи игра извонредно и има одлична предност на врвот на табелата, а Елмас не ја крие големата желба – со овој тим да ја освои шампионската титула.

„Досега направивме неверојатни работи сезонава, тоа се должи на фактот дека сите дишеме како едно, како на теренот, така и надвор од него. Се надеваме дека ќе продолжиме во ист стил до самиот крај, слободно може да кама дека сите имаме ист детски сон додека растевме во различни држави, да станеме шампиони за тимот за кој ќе настапуваме. Да имате шанса да го сторите тоа како членови на Наполи, да ги израдувате овие фантастични навивачи и да испишете историја за цел Неапол, тоа би било фантастично“, изјави Елмас.

„Наполитанците“ викендов ги очекува гостување против Удинезе, во последниот натпревар пред паузата поради СП 2022.

„Знаеме колку е важно да продолжиме со добра игра и на овој натпревар. Ова е последен меч и ги сакаме трите бода, но Удинезе игра одлично на контранапади и ќе мораме да бидеме внимателни“, прокоментира македонскиот ас.

Се вчитува...