Емери: Баерн е главен фаворит, но не планираме лесно да се предадеме

Унаи Емери и неговиот Виљареал приредија изненадување во Шпанија. Го совладаа Баерн Минхен минимално, а поразот на „баварците“ можеше да биде и поголем да се искористија зицерите во финишот. Со еден гол предност, „жолтата подморница“ ја чека пеколен реванш.

За тешкотиите кои ќе ги донесе оваа средба свесен е и тренерот Емери, кој потенцира дека Баерн дома е пеколен и дека дава голови, па мора максимално да се респектира.

„Мора да покажеме огромна почит кон Баерн. Ќе биде многу тешко и мора да сме свесни дека мора да одговараме добро на теренот. Знаеме дека Баерн дава многу голови дома и тоа е нормално за нив. И тие имаат почит кон нас, ама сигурно и знаат дека ако го покажат најдоброто од себе, тие се фаворитите тука … Но не планираме лесно да се предадеме. Сигурно е дека противникот ќе се чувствува моќно и ќе има голема доза на оптимизам затоа што игра дома“, изјави Емери.

Најголемиот успех на Виљареал е токму пласман во полуфиналната фаза за која ќе се бори на „Алијанц Арена“. Последен пат шпанскиот тим играше меѓу најдобрите четири во сезоната 2005/06, кога испадна од Арсенал. Баерн Минхен и Виљареал се среќаваат од 21.00 часот.

 

Се вчитува...