Емил Павлов: Во 2020 да го исполнам олимпискиот сон

 
Емил Павлов е еден од македонските спортисти кои ја одбележаа изминатата декада. Најдобриот индивидуален спортист на Македонија во минатите десет години. Човекот кој освои четири медали од Европските првенства, а со златото на ЕП во Нови Сад 2018 година, стана првиот роден Македонец со освоено најсјајно одличје во еден олимписки спорт. 
 
2020 ќе биде една од најважната во неговата кариера. Година во која каратето ќе дебитира на ЛОИ во неговата земја на потекло, Јапонија. Година која ќе биде единствена во која старата јапонска вештина ќе биде дел од самитот на најдобрите спортови во светот, кој се одржува еднаш на четири години. Емил Павлов има шанси да биде запишан со златни букви во историјата на македонскиот спорт и да биде дел од десетте величествени во неговата категорија на Олимписките игри. 
 
Павлов отворено зборуваше за ЕКИПА.МК за минатата 2019 и очекувањата од најважната во неговата кариера 2020 година. 
—————————————————————————————————————————————–
2019 година ја почна како најдобар спортист на Македонија. Колку за тебе тоа беше притисок бидејќи веднаш на стартот те очекуваше државно првенство по кое само најдобриот има право да учествува на следното Европско првенство?
Со добиеното признание за најдобар спортист на Македонија за 2018 година ми даде само уште еден голем мотив да тренирам и да бидам уште поуспешен во наредните години. Почетокот на 2019 имав државно првенство каде што 10. пат по ред го освоив златниот медал и со тоа обезбедив норма за ЕП во Шпанија. Секогаш притисокот е најголем кога настапуваш дома, но јас досега добро се справувам со тој притисок и се надевам дека така и ќе продолжам.
Следуваше Европското првенство на кое повторно беше еден од фаворитите. Твое гледиште сега по толку и време, бидејќи со судиска одлука беше спречен повторно да бидеш дел од финалето?
Го освоив бронзениот медал, иако бев спремен да го освојам златниот медал, но судиите не ми го дозволија во полуфиналето каде ме оштетија и не ми досудија поени. Сепак, и бронзениот медал за мене е голем успех, бидејќи тоа беше четврти медал за мене од европски првенства.
Повторно беше дел и од Европските игри. Какво е чувството да ја претставуваш Македонија на еден собир каде што се најдобрите спортисти од континентот?
Вторпат по ред обезбедив норма за настап на Европските игри и бев единствениот од македонските каратисти со норма. Навистина овие игри беа досега најдобро организирани од сите натпревари каде што имам настапувам. Убаво е чувството да си дел од тие игри и опкружен со многу шампиони во различни спортови. Најмногу жалам за елиминацијата од овие Европски игри, моја цел беше медал од ова натпреварување, но недостасуваше спортската среќа во мојата група имав две нерешени борби и една победа кои не беа доволни за медал.
По освоената бронза на Европското првенство, најголем успех за тебе сезонава беше златниот медал на силната Премиер лига во Москва. Колку значи за тебе ова достигнување бидејќи на патот до трофејот ги победи најдобрите натпреварувачи во твојата категорија?
Најсреќен турнир за мене во 2019 год за мене беше Премиер лигата во Москва каде што имав тешки борби и ги победив најдобрите. Двајца од нив беа светски прваци и со тие победи ми се зголеми самодовербата, докажав на сите и на самиот себе дека имам квалитети за големи успеси.
Еден од малкумината си што е стандарден последните неколку години и се наоѓа меѓу номинираните за најдобар спортист на Македонија. Што претставува овој успех за тебе?
Секако дека номинацијата за најдобар спортист е голема мотивација бидејќи сум дел од најдобрите спортисти во Македонија, но не се оптоварувам многу со тоа, бидејќи имам голема цел најголем предизвик во мојата кариера тоа е настап на Олимписките Игри во Токио, а зошто да не и медал па тоа ќе биде врв на мојата кариера.
2020 ќе биде најважна во твојата професионална кариера. Твои очекувања и цели за 2020 година?
Мои очекувања за 2020 пред се да ме поштеди Господ и да ме чува од некои посериозни повреди, потоа да се покажам во најдобро светло на Европското првенство во март и на олимпискиот турнир да освојам медал и со тоа ќе обезбедам норма за настап на ОИ во Токио и таму да атакувам на медал.

Се вчитува...