Енис Барди: Огромно благодарам за навивачите, секој од нас во иднина треба добро да размисли како се игра во репрезентацијата!

Капитенот на македонската репрезентација Енис Барди по денешниот дуел со Бугарите ја потенцираше благодарноста кон навивачите за огромната поддршка од трибините.

Барди денеска го одбележа и својот 50-ти настап во репрезентативниот дрес, а по мечот и со доза самокритика за себе и за своите соиграчи повикувајќи ги сите добро да размислат за сериозно и одговорно однесување во одредени моменти на терен.

„Знам дека, ако погледнеме реално, заслуживме повеќе од овие натпревари, но мора и да кажам по се она што ни се случи секој од нас, почнувајќи од мене, треба добро да размисли пред да дојде на следниот собир и мора на терен да бидеме посериозни и поодговорни, затоа што тоа им го должиме на овие извонредни навивачи. Сакам да искажам огромна благодарност до навивачите кои ни дадоа поддршка во голем број, и по мечот не бодреа и покажаа дека силно веруваат во нас. Затоа мора добро да размислиме ние играчите кога настапуваме за репрезентацијата, и сите заедно со јавноста да бидеме трпеливи затоа што имаме иднина пред нас и само заеднички можеме до нови успеси“ – истакна Барди.

Што се однесува до денешниот натпревар на „Тодор Проески“…

„Цел натпревар со играч помалку е навистина тешко, но и покрај тоа во второто полувреме имавме навистина неколку 100% шанси, Алиоски, Дориев…, но ете повторно како и во Грузија не ги искористивме. Навистина мечот со Бугарија го очекувавме со големо нетрпение. Но, од десетта минута останавме со играч помалку и тоа поремети многу нешта. Во секој случај, ако се се погледне, не заслуживме пораз“ – дополни Енис Барди.

Се вчитува...