Ердал Ракип двапати ја одбиваше Македонија…, па сега сакал да игра на ЕП!?

Швеѓанецот со македонско потекло, Ердал Ракип, посакува да игра за Македонија на Европското првенство ова лето, интензивно деновиве обидувајќи се преку домашните и шведските медиуми да се наметне пред националниот стручен штаб.

Сепак, сето тоа повеќе од изненадувачки, пред се за добро упатените од Фудбалската федерација на Македонија, но и за поширокиот македонски фудбалски круг, ако се знае дека 25-годишниот Ракип претходно во два наврати одбиваше да го облече македонскиот дрес.

Најпрво во 2014/15 година, а потоа и во 2016 година, тогашниот спортски директор Саша Ќириќ заедно со актуелниот селектор на младата репрезентација, Благоја Милевски, имаа директни разговори за настап на Ракип во македонската репрезентација, но такво нешто Швеѓанецот никогаш не прифати.

„Најблаго кажано изненадувачки е кога во еден ваков момент, кога очигледно на самиот фудбалер му е потребна репрезентативна промоција кога веќе знае дека нема шанси да настапува во Шведска, се наметнува за настап во македонскиот дрес. Ние заедно и со тогашниот спортски директор Саша Ќириќ во два наврати се обидувавме преку директни разговори да добиеме потврден одговор за негов настап во репрезентацијата. Бевме и во Ресен, од каде Ракип потекнува, на директни разговори со него и неговото семејство. Разговаравме отворено во желбата да го облече националниот дрес, но не прифати“ – вели Благоја Милевски.

Ќириќ, пак, смета дека треба да се знае дека во фудбалската федерација постои систем на следење на сите фудбалери од Европа и светот со македонско потекло, и се контактирало со сите, но добар дел од нив не прифаќале настап за Македонија. И не е дека за Ракип претходно не се слушнало, па сега се јавува сам.

„Интересно е што токму сега пред настап на Европско првенство, ете поедини фудбалери со македонско потекло сами се наметнуваат, кога нив репрезентацијата им е потребна, а претходно одбивале. Имавме ние со Милевски долги разговори и убедувања со Ракип, но тогаш не одбиваше постојано, одлучувајќи да настапи во дресот на младата репрезентација на Шведска“ – вели Ќириќ.

Но, и покрај настапите за селекцијата до 21 година на Шведска, потоа Ракип никогаш не доби повик за настап во сениорската селекција на скандинавската земја.

Ердал Ракип, кој е играч од средниот ред, потекнува од фудбалската школа на шведски Малме каде настапува од 2013 до 2017 година. Потоа реализира трансфер во Бенфика, од каде во сезоната 2018 е позајмен на Кристал Палас. Но, ниту во Бенфика ниту во Кристал Палас не забележува ниту еден официјален настап, па по неуспешната европска одисеја во 2019 година повторно се враќа во Малме.

Се вчитува...