Еуро Никел не се предава – ја доби драмата во „Јасмин“ и избори „мајсторка“ против Пелистер

Еуро Никел се избори за полуфинална „мајсторка“ против Пелистер откако успеа да го одбрани домашниот терен во втроиот натпревар славејќи со 90-89 во неизвесна завршница. Кавадарчани во последната четвртина имаа предност од 12 поени, но не успеаја да приредат мирен крај на мечот. Гостите на минута до крајот ја вратија резултатската неизвесност, имаа и шанса во последниот напад на средбата да слават место во финалето, но не успеаја да во своите намери.

Натпреварот започна во изедначен ритам на двете страни од теренот во кој ниеден тим не успеа да го наметне своето темпо. Еуро Никел благодарение на расположените бекови на момент поведоа со пет поени разлика (23-17), но Малешевиќ и Кесар одговорија со своја серија на крајот на првата четвртина за минимална предност за гостите (23-24). Работите на паркетот не се променија ни до крајот на првото полувреме, во играта „кош за кош“ видовме многу промени на водството, а преку подобрата реализација за три поени на финишот на втората четвртина гостите ја превземаа минималната предност (53-52) на полувремето.

Добриот напаѓачки ритам не продолжи и на отварањето на второто полувреме, а први иницијативата ја превземаа гостите поведоа со 56-60, но веднаш следеше одговор на Еуро Никел кој одговори во рекетот, но го имаше и расположениот Димчевски кој со серија на тројки донесе предност од 67-60 за својот тим. Пелистер навремено ги консолидираше своите редови и не дозволи можност за двоцифрена предност на „сино-белите“, напротив одговори со добра игра во одбраната и ја намали негативата на 69-66 пред одлучувачката четвртина. Во неа избраниците на Самарџиев повторно успеаја да го најдат решението во нападот, овој пат во арсеналот ја додадоа играта во рекетот и обидите од полудистанца, а Пелистер не успеа да одговори на спротивната страна па кавадарчани поведоа со 85-72.

Битолчани не се предадоа со две тројки експресно ја преполовија негативата, a продолжија во добар ритам и до самиот крај за неизвесна завршница. На минута стигнаа на негатива од еден напад (90-89), ним им припадна и последниот напад на средбата во кој имаа и шанси за победа, но Стајиќ не реализираше за место во финалето.

Калахан беше лидер на Еуро Никел со 17 поени и 9 асистенции, 14 поени и 6 скока додаде Томиќ, додека со дабл-дабл од 13 поени и 14 скока мечот го заврши Џекиќ. Малешевиќ го предводеше Пелистер со 23 поени и 5 украдени топки, додека по 19 поени постигнаа Стајиќ и Кесар.

Се вчитува...