Еурофарм Пелистер го растури Вардар, трофејот од Супер-купот на Македонија оди во Битола

Еурофарм Пелистер го совлада Вардар со убедливи 31-22 и за првпат во клупската историја стигна до трофејот во Суперкупот на Македонија, сосема заслужено откако битолчани со супериорна игра во второто полувреме го трасираа патот до пехарот. „Вардарци“ на овој меч настапија без дел од летните засилувања, а воиграниот состав на Еурофарм го искористи тоа за заслужено да стигне до победата. Најзаслужен за триумфот беше голманот Секели, кој бранеше извонредно во второто полувреме, кога за петнаеетина минути ги откажа „вардарци“ и му овозможи убедлива предност на својот тим.

Мечот почна подобро за „Вардарци“, кои предводени од Тимур Дибиров диктираа темпо и во осмата минута поведоа со 5-3, за нешто подоцна со голот од контранапад на Талески да имаат и „плус три“ (7-4). Жељко Бабиќ побара тајмаут при водство на Вардар од 9-6, по што Еурофарм Пелистер заигра онака како што посакува хрватскиот стручњак. Набрзина следеше израмнување на 10-10, по што се продолжи со квалитетна игра на двете страни и на одмор се замина со резултат 14-14.

Тоа беше се што Вардар успеа да стори на овој натпревар бидејќи вторите 30 минути минаа во апсолутна доминација на битолчани. Божиќ Павлетиќ и Маџовски набрзина погодија за 19-16 за Еурофарм Пелистер, по што Вујовиќ побара тајмаут, а тренерот на Вардар во 39. минута мораше да го побара и вториот тајмаут во полувремето, откако противникот поведе со 22-17. Секели блескаше на голот на Еурофарм Пелистер бранејќи му три зицери на Ѓукиќ, пред унгарскиот голман да го запре и пеналот на Дибиров. Битолчани имаа и „плус шест“, нивната предност малку се намали откако Гогов собра неколку одлични одбрани на голот на Вардар, но искусниот состав на Пелистер до крајот стигна до уште поубедлива победа, изразена со конечни 31-22.

Се вчитува...