Еурофарм Работник тргнува во Европа

Еурофарм Работник денеска (17.30 ч.) во салата „Боро Чурлевски“ во Битола го пречекува швајцарскиот Берн во првиот натпревар од 3.квалификациско коло во ЕХФ Купот. За битолскиот тим ова ќе биде историска шанса да изборат пласман во групната фаза од ЕХФ Купот.

Тренерот на Еурфарм Работник, Ѓорѓе Чирковиќ, во пресрет на првиот дуел со Берн истакна дека победникот од овој дуел ќе се решава на реваншот во Швајцарија и затоа посочи дека денешниот меч ќе биде од исклучителна важност за неговиот тим.

„Ни претстојат два натпревари против една од најсилните швајцарски екипи, а 120 минути не делат од пласман во групната фаза во ЕХФ купот. Во Битола се првите 60 минути и ќе ни треба многу работа, концентрација и волја да ги искористиме максимално. Убеден сум дека победникот ќе се решава во Берн, а за нас е многу важно со кој резултат ќе одиме на реваншот. И затоа ги повикувам сите да бидат во салата и да ни дадат поддршка бидејќи оваа екипа со односот конб работата и играта што ја прикажува, го заслужува тоа. Берн е одличен противник, добро подготвен на секој план и затоа посакувам победнички амбиент на трибините и дополнителна енергија за да направиме голем успех“ – истакна Чирковиќ.

Екипата на Берн пред дуелот со Еурофарм Работник во ЕХФ Купот, има два порази во серија во швајцарскиот шампионат. Во последниот настап пред гостувањето во Битола, Берн неочекувано убедливо загуби од последнопласираниот Госау со 22-33, а претходно и од Винтертур (25-27) и падна на 4.место на табелата. Оваа криза во играта на швајцарскиот тим може да му оди во прилог на Еурофарм Работниник кој има убава шанса денеска на домашен терен да избори позитивен резултат што го носи чекор поблиску до следната, групна фаза и до продолжен престој на европска сцена.

За место во групната фаза во ЕХФ Купот во игра се и неколку македонски интернационалци. Борко Ристовски со португалска Бенфика му гостува на Хановер, а романска Констанца со Звонко Шундовски на клупата и со Никола Митревски и Велко Марковски во составот, денеска игра во гости против Малме.

Се вчитува...