Лионел Меси е подготвен повторно да го облече репрезентативниот дрес и да ги предводи „гаучосите“ на претстојното издание на Копа Америка што ќе стартува на 14 јуни во Бразил.
Најдобриот фудбалер на денешницата се повлече од репрезентацијата по неуспехот на СП 2018 во Русија, сепак оставајќи ја отворена вратата за камбек во националниот тим. Тој ги пропушти последните пријателски натпревари на кои селекторот Скалони направи „ремонт“ во репрезентација, но последните информации велат дека Меси сега е подготвен за камбек.
„Лео пак ќе игра за Аргентина, не се сомневам во тоа. Кога тој ќе реши, вратата ќе биде отворена за него“ – изјави првиот човек на Аргентинската Фудбалска Асоцијација, Клаудио Тапија.
Извори блиски до самиот фудбалер тврдат дека тој сега сака да се врати и да се обиде на Копа Америка конечно да стигне до првиот пехар во дресот на „гаучосите“. Ова најверојатно ќе значи негов камбек во репрезентативниот дрес на пријателските средби во март, за да има можност да одигра неколку натпревари со „новите колеги“ во пресрет на континенталниот собир.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА