Аргентинскиот стратег Кристијан Фабијани веќе не е шеф на стручниот штаб на Вардар. Неговата епизода на клупата на најтрофејниот македонски фудбалски клуб заврши неславно, по раната елиминација во европските квалификации и поразот во големото дерби против Шкендија.
По прекинот на соработката, Фабијани се огласи во јавноста преку емотивно писмо. Во него тој изрази огромна благодарност до своите соработници и порача дека е горд што имал можност да го предводи црвено-црниот тим.
„Драго семејство на Вардар, Денес дојде моментот да се збогувам со овој клуб и сакам тоа да го направам од срце, бидејќи зад секој натпревар, секој тренинг, секое патување и секоја тешкотија остануваат многу искуства и спомени кои засекогаш ќе ги носам со себе.
Сакам да им се заблагодарам на играчите, стручниот штаб, вработените во клубот, раководството и, особено, на сите навивачи кои беа со нас. Од првиот ден се трудев да дадам сè од себе, со посветеност, работа и страст кон фудбалот.
Знам дека во фудбалот околностите и одлуките понекогаш прават патиштата да се разделат. Но, тоа не го менува почитувањето и љубовта што ги носам со себе кон Вардар и кон сите луѓе кои се дел од овој клуб.
Заминуваам со мирна совест, знаејќи дека дадов сè од себе во секој ден од мојата работа. Со себе носам и многу научени лекции, пријателства и моменти кои засекогаш ќе останат во моето сеќавање.
Од срце му посакувам на Вардар да продолжи да расте, да се натпреварува и да остварува големи успеси. Овој клуб има огромна историја и луѓе кои заслужуваат многу радости.
Ти благодарам, Вардар, што ми овозможи да бидам дел од твојата историја.
До некоја следна средба и многу среќа!“, напиша Фабијани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
