Фала, Блокотехна: Мијатовиќ се сели во Охрид

Охрид тргнува максимално амбициозно во новата сезона, откако тимот предводен од Марјан Илиевски го осигура потписот на Данило Мијатовиќ. Српскиот крилен центар имаше беспрекорна соработка со Илиевски во тимот на Блокотехна, па Мијатовиќ неслучајно го избра Охрид за своја следна дестинација во кариерата.

„Сметам дека управата на Охрид на чело со Милчо Донески покажува сериозни амбиции, станува збор за проект што ми се допадна и што е предводен од тренерот Илиевски, под чие водство ги играв можеби и најдобрите сезони во кариерата како член на Блокотехна. Ова е нов предизвик во мојата кариера, верувам во успех, како на тимски план, со добри резултати во новата сезона, така и со одлични индивидуални партии“ – истакна Мијатовиќ за ЕКИПА.

Тој имаше само пофални зборови и за својот претходен клуб, Блокотехна, каде мина две сезони.

„Голема благодарност до сите луѓе во Блокотехна, пред се до првиот човек Томица Главчев, кој покажа како се води еден сериозен кошаркарски проект. Професионализмот во овој клуб беше на највисоко можно ниво, имавме беспрекорни услови за работа, верувам дека со игрите и резултатите возвративме на најдобар можен начин. Воедно, на сите во Гевгелија им посакувам многу среќа и добар успех на новиот заеднички проект што настана со фузијата на Блокотехна и Кожув“ – порача Мијатовиќ.

Се вчитува...